Abdula Berisha
08 Јули 2020•Ажурирај: 09 Јули 2020
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, присуствуваше на тркалезната маса на која се разговараше за годишниот извештај на Европската агенција за фундаментални права, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во организација на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, Институтот за европска политика и Хелсиншкиот Комитет за човекови права, се одржа тркалезна маса на тема: „Презентација на Извештајот за фундаментални права 2020: Евалуација на стандардите за човековите права во Северна Македонија низ призмата на Повелбата на Европската Унија за фундаментални права, во пресрет на отворањето на ЕУ пристапните преговори”.
Потсетувајќи дека извештајот е објавен на 11 јуни, министерот Димитров истакна дека ова е прв пат Северна Македонија да биде дел од овој извештај.
„Целта на овој состанок е да видиме каде одиме добро каде можеме подобро, каде правиме грешки, со цел еден од цивилизациските идеали на Европа да го постигнеме и кај нас дома, а тоа е човек да е еднаков и да живее во слободно и праведно општество каде владее правото", истакна Димитров.
Директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска, рече дека институтот подготви извештај за Северна Македонија за минатата година, додавајќи дека земјата станала дел од основните механизми за мониторирање на Европската агенција за фундаментални права.
„Извштајот ги нотира клучните достигнувања меѓу кои беше и Законот за заштита од дискриминација, за кој што знаеме дека Уставниот суд го поништи поради што и всушност една од клучните пораки која што денеска би сакале од нашиот аспект како истражувачка организација да ја пренесеме е потребата идниот собраниски состав на ова прашање да се наврати што е можно побрзо", истакна Кацарска.
Исто така, таа рече и дека Северна Македонија во голема мерка го усогласила законодавството со законодавството на ЕУ, но истакна дека во многу области земјата треба да се фокусира на спроведување на законите.
Народниот правобранител, Иџет Мемети во својот говор истакна дека Северна Македонија го направи првиот чекор во 2018 година, кога назначила член набљудувач во Европската агенција за фундаментални права.