Abdula Berisha
04 Јули 2019•Ажурирај: 05 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) - Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, преку прес-конференција го назначи официјалниот старт на фестивалот „Самерленд“ во Скопје, кој ќе се одржи од 4 до 28 јули, јавува Anadolu Agency (AA).
Шилегов рече дека по доброто искуство што Скопје го имало со „Винтерленд“ (Winterland), следува „Самерленд“ (Summerland), на кој, како што изјави тој, граѓаните на Скопје ќе можат да уживаат секоја вечер со богата музичка програма, но и со други забавни елементи.
„За скопјани ќе обезбедиме пријатно место каде што во текот на овој месец ќе можат да ги поминуваат своето слободно време, со цел и на вака топлото време да им дадеме колку-толку можност да се разладат и да се рекреираат, да се дружат меѓу себе. Така што, очекувам ова полека да стане една традиција, и во текот на зимата и во текот на летото на Скопје да му дадеме нешто што досега го немало, и еден поинаков начин на дружење помеѓу скопјани“, рече Шилегов.
Градоначалникот на град Скопје изјави дека за овој проект се доделени 4 милиони денари (околу 65 илјади евра), а освен музичката програма, ќе има и Фан зона со разни забавни и друштвени игри. Во рамки на фестивалот, исто така се предвидени едукативни и забавни активности за децата.
„Самерленд“ ќе се одржува во Градскиот парк, а забавната програма ќе се одвива секој ден од 18:00 до 00:30 часот. Во рамки на фестивалот, пред публиката ќе настапат домашни и странски изведувачи.