Abdula Berisha
29 Мај 2019•Ажурирај: 30 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во Собранието на Северна Македонија започна специјалниот дводневен семинар на тема „Следните чекори кон НАТО“, посветен на Република Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
На семинарот организиран од страна на Центарот за безбедносни истражувања „Џорџ Ц. Маршал“, покрај претседателот на Собранието, Талат Џафери, со воведни говори се обратија и амбасадорот на Германија во Скопје, Томас Н. Герберих, и вршителката на должноста американски амбасадор во Скопје, Микаела Швајцер-Блум.
Во обраќањето пред присутните, спикерот на Парламентот, Џафери, рече дека овој настан „е јасен индикатор дека ги делиме истите цели и вредности“, додавајќи дека ова е достигнување на процесот за членство на земјата во НАТО.
„Сакам да истакнам дека со нашето членство во НАТО не завршуваат нашите „домашни задачи“. Напротив, полноправното членство во НАТО налага, исто така, многу работа, дома, во регионот, а и во структурите на НАТО-алијансата“, рече Џафери.
Германскиот амбасадор во Скопје, Томас Н. Герберих, рече дека Северна Македонија навистина станала успешна приказна во Западен Балкан.
„Во последните две години, Владата предводена од премиерот Заев постигна одлични резултати. Северна Македонија во моментов е единствената земја во Западен Балкан која нема проблеми со соседите“, рече германскиот амбасадор.
Од дргуа страна, в. д. амбасадор на САД во Скопје, Микаела Швајцер-Блум, во својот говор рече дека Северна Македонија поминува низ клучен период, со членството во НАТО.
„Кога ќе пристапите во НАТО, ние нема да бидеме едноставно партнери, туку ќе бидеме сојузници. Ќе имаме подлабоки односи и подлабока посветеност меѓусебно“, рече американската амбасадорка.
За време на дводневниот семинар, високите претставници на НАТО се очекува да присуствуваат на интерактивни дебати со претставниците на институции за прашањата како што се начинот на функционирање на НАТО, организациската структура, финансирањето, како и националната и меѓународната координација.