СКОПЈЕ (АА) - Европската комисија (ЕК) во годишниот извештај препорачува безусловен почеток на преговорите за членство на Северна Македонија и на Албанија во Европската Унија (ЕУ), пренесува Anadolu Agency (AA).
ЕК препорачува Советот да започне преговори со Северна Македонија. Во заклучоците на ЕК се наведува дека за да се поддржи континуираниот реформски момент, Комисијата би применила засилен пристап за преговарачките поглавја за судството и темелните права, правдата, слободата и безбедноста во земјата.
Комесарот за европска политика на соседство и преговори за проширување, Јоханес Хан, денес, пред Одборот за надворешни работи на Европскиот палрламент го претстави „Пакетот за проширување на Европската комисија за 2019 година“. Еврокомесарот Хан го повика Советот на Европа да отвори преговори за членство со Северна Македонија и со Албанија, а за останатите земји од Западен Балкан истакна дека оствариле напредок, но дека мора да продолжат со процесот на реформите.
„Задоволство ми е што Северна Македонија и Албанија не ја пропуштија можноста за реализирање на реформите, особено коренитите промени во судскиот систем, вклучувајќи ја и реевалуацијата на судиите и обвинителите. Северна Македонија не само што ја продолжи својата амбициозна реформска агенда, туку и постигна историски договор со Грција, решавајќи го долгогодишното прашање за името“, истакна Хан.
Напомена и дека Договорот за добрососедство постигнат помеѓу Северна Македонија и Бугарија е пример за целиот регион како да се зајакнат добрососедските односи.
Еврокомесарот Хан рече дека Европската комисија ги повторува минатогодишните препораки дадени на Советот на Европа да ги отвори преговорите со Северна Македонија и Албанија, додавајќи дека нема да ги заборават ниту потешкотиите кои остануваат.
Според него, земјите кандидати мора да дадат одржливи резултати во сите клучни области, најнапред во владеењето на правото.
„Нема да увезуваме билатерални спорови и нестабилност, затоа има итна потреба остатокот од Балканот да направи поголем напредок во однос на помирувањето, добрососедските односи, регионалната соработка, инспирирани од историскиот договор помеѓу Северна Македонија и Грција“, истакна Хан.
Како што рече тој, првиот сериозен предизвик за земјите кандидати за членство во ЕУ е економијата. Според Хан, компаниите од Западен Балкан сè уште се соочуваат со структурни слабости, а за да го искористат целокупиот потенцијал земјите мора сериозно да работат на реформите и невработеноста.
„Економскиот развој, исто така, мора да ги реши демографските предизвици на Западен Балкан во врска со миграцијата и ниската стапка на раѓање. Земјите треба да го зголемат стандардот за живот и затоа е потребна регионална соработка“, порача Хан и во тој контекст додаде дека Договорот за роаминг кој неодамна го потпишаа шесте држави од Западен Балкан е одличен пример за регионална соработка, кој носи добробит за граѓаните и бизнисите.
„Дозволете да нагласам дека ЕУ останува досега најголем економски партнер на Западен Балкан, мора да се земат предвид инвестициските и бизнис-активностите на Кина кои се во пораст“, рече Хан во своето обраќање. Во тој контекст додаде дека иако во принцип овие инвестиции нудат можности, сепак, често ја запоставуваат социоекономската одржливост на овие земји.
Еврокомесарот Хан се осврна и на другите земји од Западен Балкан, меѓу кои и на Србија, Босна и Херцеговина и Косово.
„Во некои области е направен напредок, но Србија и Црна Гора мора да бидат решителни и да ги зголемат своите напори во клучните области. Потребно е да спроведат реформи во областа на владеењето на правото. Тоа е најважен предуслов за да одат понатаму на својот европски пат, вклучувајќи дека мора да ги исполнат сите услови од поглавјата 23 и 24. Што се однесува до дијалогот помеѓу Белград и Приштина, мора да придонесат за поволно опкружување за заклучување на правно-обврзувачкиот договор и затоа мора да избегнуваат какви било акти, кои можат да се сметаат за провокација“, рече Хан.
Хан рече дека Косово мора да го насочи вниманието кон еворпскиот пат во одредени клучни европски реформи. Но, според него, сите косовски настојувања ги засенила политиката на воведување тарифи за БиХ и за Србија.
„Комисијата денес усвои мислење за молбата на БиХ за членство. Имаме план на патот за потребните реформи, за воведување на демократијата, темелните права, јавното управување и исто така, прв пат ја прегледа ситуацијата во БиХ во однос на сите стандарди, кои важат за сите нови членки. Мислењето за БиХ покажува дека ЕУ е посветена на патот за давање поддршка на БиХ, но БиХ мора да преземе чекори понатаму. Всушност, мора да се спроведат реформите на сите нивоа без какво било одложување“, порача Хан.
Еворопската комисија ќе го достави извештајот до Европскиот парламент и до Советот на Европската Унија, кои ќе го разгледаат, а потоа ќе донесат соодветен заклучок за наредните фази во процесот на пристапување во ЕУ.
news_share_descriptionsubscription_contact
