Abdula Berisha
29 Мај 2019•Ажурирај: 30 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) – Владата на Република Северна Македонија на 137-та седница го усвои текстот на предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија за 2020 година, јавува Anadolu Agency (AA).
На редовната прес-конференција што се одржа за владините седници, освен портпаролот Муамет Хоџа присутен беше и директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски, кој во детали ја објасни потребата од донесувањето на предлог-законот и неговата содржина.
Симовски рече дека за прв пат во Северна Македонија ќе се спроведе т.н. комбиниран метод, односно користење податоци од базите на податоци и прибирање податоци од терен. Тој, исто така, истакна дека прибирањето податоци од терен ќе се врши на електронски начин со користење на лаптопи, што исто така е новост во земјата, за што Симовски рече дека ќе овозможи побрзо и поквалитетно прибрање податоци.
„Овој попис, за разлика од претходниот попис којшто за жал не успеа, ќе ги опфаќа сите лица како единици на попис. Значи, вклучувајќи ги лицата кои се присутни во земјата, но и лицата кои се отсутни од државата“, рече Симовски, истакнувајќи дека притоа секогаш ќе се почитуваат предвидените стандарди од Обединетите нации и од Еуростат.
Симовски објасни дека лицата што се наоѓаат надвор од државата ќе имаат можност за саморегистрација преку веб-апликацијата што ќе биде ставена на веб-страницата на ДЗС еден месец пред почетокот на пописот.
Пописот на населението ќе ги содржи и прашањата околу верската и етничката припадност, иако првично имаше дилеми по овие прашања.
Симовски, исто така, рече дека според предвидениот план, пописот треба да се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2020 година, за него ќе се ангажираат вкупно околу 6.000 лица и се предвидени 8,5 милиони евра.
На прес-конференцијата беше речено дека во Република Северна Македонија 16 години не е спроведен попис на населението, и дека пописот во 2011 беше неуспешен поради недоразбирањата меѓу политичките партии.
Освен предлог-законот за попис на населението, владиниот портпарол Хоџа информираше и за другите одлуки на 137-та владина седница.
Меѓу другото, тој рече дека Владата го усвоила предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион, и ја усвоила Фискалната стратегија на Република Северна Македонија за 2020-2022 година.