Aldıjana Hadzıc
28 Август 2018•Ажурирај: 28 Август 2018
САРАЕВО (AA) – Бројни претставници на медиумите се собраа денеска во Сараево поради сè почестите напади врз новианрите во Босна и Херцеговина (БиХ), јавува Anadolu Agency (AA).
Повод за мирниот собир на новинарите беше нападот на новинарот на „БНТВ“ во Бања Лука, Владимир Ковачевиќ, извршен во неделата. Собири се предвидени и во Мостар и во Зеница. Во Бања Лука претходно е одржан мирен собир со пораката „Стоп на насилството врз новинарите!“
Пред Народниот театар во Сараево се собраа претставници на медиумите и искажаа незадоволство поради нападите на Ковачевиќ и другите колеги. Кажано е дека ова мирно собирање е глас на новинарите против каков било напад и притисок врз новинарите и новинарската професија.
Порачано е дека е потребна јасна, непристрасна и професионална истрага за напаѓачите на новинарите и оние што на различни начини стојат зад нив.
Новинарите го осудија нападот на новинарот Ковачевиќ и побараа одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата. Новинарите порачаа дека борбата за слобода на говорот допрва почнува. До надлежните органи упатен е апел за решавање на ваквите случаи во најкраток временски рок и спречување слични напади.
Собраните бараат измена на Кривичниот закон на БиХ и нападот на новинарите да се смета како напад на службено лице за време на вршење службена должност.
Оваа година имаше повеќе од 40 физички напади врз новинари, додека пред година дена имаше и повеќе.
Нападот го осудија и бројни претставници на власта во БиХ, а министерката за човекови права и бегалци, Семиха Боровац, во понеделникот изјави дека нападите врз новинарите во последно време станаа секојдневие.
Додаде дека она што преостанува е ваквите напади да не останат без казнување на сторителите. Повтори дека нападите врз новинарите и медиумските професионалци мора да се третираат преку кривичното законодавство како посебно кривично дело.