Besar Ademi
01 Декември 2016•Ажурирај: 02 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Овие два дена, околу 50 владини и невладини претставници на осум земји од Југоисточна Европа во Скопје ќе разговараат за формирање на механизам за регионална координација, кој ќе работи на одржливоста на програмите за вирусот ХИВ во земјите од Југоисточна Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Невладините организации во регионот што се занимаваат со борбата против ХИВ\СИДА, сметаат дека е потребна поголема поддршка од владите, бидејќи ако оваа болест не спречи навреме, има можност таа да излезе од контрола.
Заменик-претседателката на Одборот на Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, Аида Куртовиќ, рече дека на конференцијата ќе разговараат за тоа што преземале и што треба да преземат во иднина Глобалниот фонд, Владата и граѓанското општество во борбата за спречување на овие болести.
„Владите на земјите се одговорни да обезбедат финансиски средства за борба против туберкулозата и СИДА-та, но ние треба да ги зголемиме овие средства, како и да најдеме начин да се создаде подобра соработка меѓу владата и граѓанското општество за борба против овие две болести“, истакна Куртовиќ.
Според неа, неопходно е да се преземат итни мерки, бидејќи овие болести не можат да се уништат, а бројот на загубените животи ќе продолжи да расте, до степен на кој не ќе може да се контролира.
Во моментов, Македонија, Косово и Албанија добиваат меѓународни средства за борба против овие болести од Глобалниот фонд за борба против СИДА-та, туберкулозата и маларијата. Фондот за Босна и Херцеговина беше укинат во септември минатата година, додека Србија и Црна Гора веќе две години не добиваат меѓународно финансирање.
Извршниот директор на невладиното здружение ХОПС (Опции за здрав живот – Скопје), Христијан Јанкулоски, нагласи дека поради укинувањето на средствата, стапката заразеност со вирусот ХИВ во Србија и во Црна Гора веднаш почна да се зголемува.
„Во Босна и Херцеговина во септември заврши финансирањето од страна на Глобалниот фонд, Македонија завршува кон крајот на оваа година, односно на крајот на јуни 2017 година. Нема да бидеме финансирани од страна на меѓународните донатори. Единствено Косово и Албанија од страна на меѓународните донатори се земји коишто во следните три години ќе можат да добиваат средства од Глобалниот фонд за ХИВ/СИДА и туберкулоза“, рече Јанкуловски.
Тој додаде дека Бугарија и Романија се членки на Европската Унија, но и покрај тоа, меѓународните фондови претежно се користат за инфраструктурата, а не за здравјето на луѓето. Според него, ова е исто така причина зошто во овие две земји стапката на таквите болести постојано се зголемува.
Инаку, на Светскиот самит во Лондон во 1988 година, Светскиот ден за борба против СИДА-та беше прифатен од 140 земји во светот. Истата година, Светската здравствена организација го прогласи 1 декември за Светски ден за борба против ХИВ/СИДА, кој оттогаш се одбележува речиси во сите земји во светот.
– УНАИДС: До 2030 година, епидемијата на ХИВ/СИДА може да се спречи
Заедничката програма на Обединетите нации за ХИВ/СИДА (УНАИДС) денеска објави дека епидемијата на ХИВ/СИДА до 2030 година може да се спречи, а пред сѐ, ќе зависи од тоа дали младите жени ќе успеат да се заштитат од вирусот.
Според УНАИДС, речиси секој втор од вкупно 36,7 милиони инфицирани луѓе се под третман, околу три милиони луѓе повеќе отколку пред две години. Само оваа година, со лекување започнале еден милион луѓе. Раководителот на УНАИДС, Мишел Сидибе, изјавил дека можноста за превенција и лекување на ХИВ/СИДА никогаш не била толку добра како што е денес.
Во Сахара, Јужна Африка, во 2015 година имаше повеќе од 25 милиони инфицирани со вирусот, од кои минатата година починаа околу половина милион. Минатата година во светот со вирусот се заразуваа околу 7.500 жени неделно. Најчесто инфицирани во Јужна Африка беа девојчињата на возраст меѓу 15 и 19 години, со околу 90 отсто.