Husamedin Gina
18 Декември 2020•Ажурирај: 20 Декември 2020
НЕГОТИНО
Дирекцијата за заштита и спасување денеска во Центарот за воена обука „Криволак“ организира уништување на неексплодирани бојни средства останати од Првата Светска војна, пронајдени во Битола, јавува Агенција Анадолија (АА).
По уништувањето на неексплодираните бојни средства, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути и раководителот на тимот за пиротехничари во Дирекцијата за заштита и спасување, Ефтим Митров, дадоа изјава за медиумите.
Директорот Максути потсети дека во централното градско подрачје на Битола е пронајдено досега најголемото количество (12.300 парчиња) на артилериски гранати калибар 75 мм без запалки останати од Првата светска војна.
„Јужните и југозападните делови на Република Северна Македонија, каде што поминувала линијата на тогашниот Солунски фронт, сѐ уште кријат опасности во вид на воени материјали со опасна содржина, кои постојано ги пронаоѓаат нашите пиротехничари“, истакна Максути.
Истакнувајќи дека уништувањето на ова количество гранати ќе се одвива последователно во повеќе фази, директорот Максути рече дека уништувањето ќе биде безбедно и без загадување на животната средина, согласно утврдениот оперативен план од 15.12.2020 до февруари 2021 година.
Максути додаде дека Владата донела одлука до еднократна парична награда во висина од 30.000 денари да бидат наградени седумте пиротехничари од Дирекцијата за заштита и спасување, како резултат на нивниот посебен ангажман за пронаоѓање, отстранување и уништување на гранатите кои беа пронајдени на 27 октомври во близина на Градскиот стадион во Битола.
Раководителот на тимот за пиротехничари во Дирекцијата за заштита и спасување, Ефтим Митров, истакна дека денеска неексплодираните бојни средства се уништени во четири фугаси, каде што се ставени по 400 артилериски гранати.
Давајќи детали за процесот на уништување, раководителот Ефтим Митров рече дека овие средства ќе бидат уништени со 3 тони експлозив.
Акцијата на собирање, складирање и транспорт на гранатите до Криволак е реализирана со ресурсите на Министерството за одбрана, Армијата и на Министерството за внатрешни работи.
Потсетуваме, гранатите беа пронајдени на 27 октомври годинава, за што Дирекцијата, врз основа на укажаната потреба достави барање до Министерството за одбрана и за вклучување на пиротехничари на Армијата поради обемноста на активностите за транспорт и уништување на гранатите, а се информирани и меѓународните претставници од ОБСЕ, НАТО и ЕУ во земјава.