САРАЕВО (AA) - Со поставување обувки пред зградата на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина (БиХ) во Сараево, одбележан е Меѓународниот ден на исчезнатите лица во БиХ, во организација на Меѓународната комисија за исчезнати лица (ICMP), во соработка со Министерството за човекови права и бегалци на БиХ, јавува Anadolu Agency (AA).
Обувките пред Парламентот на БиХ ги симболизираат луѓето кои се отсутни повеќе од 20 години, односно се водат како исчезнати. Обувките всушност, го симболизираат нивното присуство на денешното одбележување.
Денешниот перформанс е порака на доносителите на одлуки во зградата на Парламентот на БиХ дека има уште повеќе илјади луѓе кои не нашле мир, а ниту нивните семејства. Собраните граѓани денес уште еднаш упатија апел да се излезе со информации за локацијата каде се наоѓаат посмртните остатоци на исчезнатите.
Министерката за човекови права и бегалци на БиХ, Семиха Боровац, рече дека денес трагањето по исчезнатите е обврска на државата и на сите нивоа на власта во БиХ.
„Би рекла дека тоа е обврска и на општеството во целина, бидејќи ова не е само прашање на одговорност во смисла на барање на лицата, туку прашање кое задира во човечноста и извршувањето на моралните обврски. Затоа секоја пригода, а посебно денешната, ја користам да ги повикам сите кои имаат информации за исчезнатите лица да ги обелоденат и на тој начин да ја исчистат својата совест од тешкиот товар што го носат. Пред нас во БиХ е уште многу работа за да се заврши процесот на барање на исчезнатите“, порача Боровац.
Потсети и дека во БиХ се бараат повеќе од 7.000 лица.
Метју Холидеј, шефот на Програмата на Меѓународната комисија за исчезнати лица за Западен Балкан, потсети дека Сирија, Либија, Бурунди и Судан се земјите кои се наоѓаат во судири и во кои присилните исчезнувања станаа дел од политичката тактика.
„Земјите како Босна и Херцеговина, Ирак, Шри Ланка, па дури и Виетнам 50 години подоцна, се обидуваат да го решат проблемот со исчезнатите лица“, појасни Холидеј, наведувајќи дека машките лица се претежно оние што се водат како исчезнати.
Во текот на изминатите две децении, како што рече, прашањето за исчезнатите лица се интензивираше.
„Мислам дека е добро да се потсетиме на ова токму денес кога го одбележуваме Меѓународниот ден на исчезнатите. Иако сликата не е оптимистична, сепак постои надеж. Денес решавањето на прашањето на исчезнатите лица е повеќе од хуманитарно прашање. Денес тоа е дел од напорите да се приведат сторителите на злосторствата пред лицето на правдата, и злосторствата што се извршени во минатото да не се остават нерешени“, порача Холидеј.
Метју Филд, амбасадор на Велика Британија во БиХ, порача дека денешниот настан е јасен потсетник на фактот дека како последица на конфликтот во БиХ сè уште како исчезнати се водат повеќе од 7.000 лица.
„Јавноста и граѓаните треба да проговорат за доброто на семејствата кои ги загубија своите најмили“, порача Филд.
За процесот на барање на исчезнатите говореше и американскиот амбасадор во БиХ, Ерик Нелсон.
„Тешко е да се замисли дека што било добро може да произлезе од војната во поранешна Југославија. Ова е навистина глобален проблем, она на што БиХ може да биде горда е тоа што таа е предводник во овие настојувања за пронаоѓање на исчезнатите лица“, појасни Нелсон.
Порача дека денешниот ден е посветен на илјадниците луѓе кои сè уште се водат како исчезнати лица.
„Иако во БиХ се пронајдени и идентификувани три четвртини од вкупниот број исчезнати, ги повикуваме сите оние што имаат какви било информации за исчезнатите лица да излезат и да ги дадат тие информации за да обезбедат семејствата на исчезнатите да го најдат мирот и да дојдат до правдата“, додаде Нелсон.
Иако во Босна и Херцеговина е пријавено исчезнувањето на 34.963 лица, се претпоставува дека всушност исчезнале 32.000 лица. Сè уште се трага по повеќе од 7.000 лица.
Од 7.000 активни случаи, односно лица по кои се трага, еден дел од нив никогаш нема да биде пронајден. На сите им се познати случаите на живите кршачи во Вишеград и децата, жените и неколку машки лица кои се претворени во прав, кој најверојатно е фрлен во Дрина. Тие никогаш нема да бидат пронајдени. Телата на многумина завршија во реките и езерата, тешко ќе биде да се дојде до нив...
Семејствата на исчезнатите лица, меѓународните организации, невладиниот сектор и државните институции низ светот, на 30 август го одбележуваат Меѓународниот ден на исчезнатите. Во БиХ се пронајдени околу 76 отсто од исчезнатите лица, што претставува највисока стапка на решени случаи на исчезнати лица во светот во некое постконфликтно општество. Меѓутоа, тој процес сè уште не е готов, постојат уште најмалку 7.000 лица во БиХ, чија судбина не е позната.
Според податоците на Меѓународната комисија за исчезнати лица, во војните на подрачјето на поранешна Југославија исчезнале околу 40.000 лица, од кои најголем број, повеќе од 30.000, исчезнале во БиХ.
news_share_descriptionsubscription_contact
