Abdula Berisha
24 Јули 2019•Ажурирај: 25 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Северна Македонија подготви предлог акционен план во борбата против дезинформациите, лажните вести и нападите против демократијата, којшто беше презентиран на прес-конференција од страна на премиерот Зоран Заев, јавува Anadolu Agency (AA).
Заев рече дека дезинформациите се едни од главните предизвици на демократијата во денешно време и преку нив, како што истакна тој, граѓаните се манипулираат, се намалува нивната доверба кон институциите и медиумите и се интервенира во изборните процеси.
Премиерот потсети дека во 2016 година земјата стана позната по лажните вести, кога беше откриено дека голем број лажни страници и профили, кои беа управувани од лица од градот Велес, ширеа дезинформации во САД за време на претседателските избори.
„Нашата цел е да ја зајакнеме националната безбедност и сигурност на граѓаните на нашата земја и да ја браниме и унапредуваме демократијата. Предлог акциониот план е сублимат на процеси, проекти, мерки и препораки за борба со дезинформациите, изработен како резултат на следење на мерките на Европската комисија, Секторот за комуникации на НАТО, како и Комитетот на експерти за квалитетно новинарство при Советот на Европа“, рече Заев.
Тој рече дека предлог акциониот план ќе се дискутира меѓу институциите, медиумите, граѓанскиот сектор и сите засегнати страни, додавајќи дека содржи безбедносни и проактивни мерки.
Меѓу безбедносните мерки, Заев ги наброи ревидирањето на протоколите за комуникација и воведувањето побезбедни протоколи, како и зајакнувањето на внатрешната инфраструктура на интернет-технологијата.
Во рамките на проактивните мерки, Владата, меѓу другото, предвидува и активна транспарентност преку објавување на официјалната веб-страница на одговорите поставени од медиумите и граѓаните и формирање работна група која ќе ги следи дезинформациите.
Дел од овие мерки се однесуваат на медиумите, при што Владата предвидува креирање на национална стратегија за медиумска писменост и поттикнување на дискусија за саморегулирање на порталите.