Zylfije Adem Jakupi
12 Јули 2023•Ажурирај: 18 Јули 2023
ПРИШТИНА (АА) - Владата на Косово изрази подготвеност да придонесе за деескалација на ситуацијата на северот на земјата, што вклучува моментно намалување на присуството на полицијата за 25 отсто во и околу општинските згради во четири општини на северот на Косово каде што живее мнозинско српско население, пренесува Анадолу.
Од Владата на Косово соопштија дека тоа било договорено на состанокот на заменик-премиерот на Косово, Бесник Бислими, и специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот, Мирослав Лајчак, во Братислава.
Со цел да се создадат предуслови за зајакнување на фокусот за целосна и безусловна примена на Основниот договор од 27 февруари и Охридскиот анекс од 18 март, договорени се следниве чекори:
• Владата на Косово јавно ја изразува својата подготвеност да придонесе за деескалација на ситуацијата и непреземање дејства што би можеле да ја ескалираат ситуацијата на северот на земјата. Ова вклучува моментно намалување на присуството на полицијата за 25 отсто и околу општинските згради.
• Косовската полиција, заедно со ЕУЛЕКС и КФОР, ќе ја процени безбедносната ситуација според потребата, особено за да ја разгледа можноста за понатамошно намалување на присуството на полицијата во и околу општинските згради.
• Владата на Косово преку јавно соопштение го поддржува одржувањето предвремени избори во четири општини на северот од земјата и тоа по летната сезона. Косово ја изразува својата посветеност да ја обезбеди потребната правна основа за да овозможи организирање на овие избори.
• ЕУ ќе ги повика двајцата главни преговарачи во Брисел, со цел финализирање на планот за редослед на Договорот за нормализација, по што ќе започне примената на сите членови од договорот.
Наведените дејства ќе бидат завршени во рок од две недели.
Претходно, Европската Унија на крајот на јуни воведе привремени казнени мерки за Косово бидејќи косовските власти не ги исполнија барањата во врска со деескалацијата на ситуацијата на северот на Косово. ЕУ од Владата на Косово побара да ги повлече специјалните сили на Косовската полиција и новоизбраните градоначалници Албанци од општинските згради во четири општини на северот на Косово и да распише нови избори на кои би учествувала српската заедница, која ги бојкотираше локалните избори во април.