Admir Fazlagic
14 Јуни 2020•Ажурирај: 14 Јуни 2020
СКОПЈЕ
Владата на Република Северна Македонија на денешната 66-та седница го донесе Протоколот за непречен транзит на странски државјани низ територијата на Република Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Владата на Република Северна Македонија на денешната 66-та седница го донесе Протоколот за непречен транзит на странски државјани низ територијата на Република Северна Македонија, кој утврдува дека државјаните на други држави кои транзитираат низ територијата на Република Северна Македонија можат, до целосната либерализација на режимот за влез и излез во нашата држава, можат да ги користат следните гранични премини: Табановце, Деве Баир, Богородица, Ќафасан, Блаце и аеродром Скопје", се вели во соопштението од прес-службата на Владата.
„Транзитот на овие лица подразбира влез на еден граничен премин и излез на друг со обврска при транзитот да не се излегува од соодветниот автопат или локален пат и тој да се реализира во рамките на најмногу 5 часа што се потврдува со изјава која странските државјани треба да ја пополнат на влез, а на излез треба корисникот да ја предаде на граничната полиција со цел да се контролира времетраењето на транзитот", се додава во соопштението.
Потсетуваме, Владата на Северна Македонија од 16 март со цел спречување на ширењето на коронавирусот (Ковид-19) донесе одлука да се затворат сите гранични премини во земјата, за премин на странски државјани, патници и возила, освен за влез и транзит на товарни возил, за претставниците на дипломатскиот кор во земјата, како и за други лица за кои МВР ќе даде дозвола по претходно мислење од главниот Координативен кризен штаб, кој ќе потврди дека постои посебен државен или економски интерес.
Овие товарни возила или лица, влегуваат во Република Северна Македонија според посебни услови, согласно протоколот на Министерството за здравство.
Исто така, со овие мерки, затворен е и Меѓународниот аеродром во Скопје, освен за државни, воени, карго, медицински, хуманитарни и празни летови.
Инаку, здравствените власти во земјата соопштија дека во последните 24 часа се регистрирани 196 нови случаи на коронавирусот (Ковид-19), со што вкупната бројка на регистрирани случаи во земјата со овој вирус се зголеми на 3.895, а вкупната бројка на смртни случаи предизвикани од последиците од Ковид-19 изнесува 179.
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски во своето обраќање до јавноста вчера изјави дека нема потреба да прогласи нова вонредна состојба во земјата која завршува денес на полноќ. Вонредната состојба со цел борба против ширњето на Ковид-19, беше воведена на 18 март.