Zlatan Kapic
27 Март 2022•Ажурирај: 30 Март 2022
САРАЕВО
Откако турскиот медиум „NotHaber“ објави видео со титла и нарација на босански јазик за размерите на злосторствата и подмолната предавничка структура на терористичката организација ФЕТО, видеото го пренесоа и бројни босанско-херцеговски медиуми, додека голем интерес владее и на социјалните мрежи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Објавеното видео содржи кадри снимени ноќта на 15 јули 2016 година, кога терористите на ФЕТО инфилтрирани во турската Војска се обидуваат да ја соборат демократски избраната власт во земјата, притоа пукајќи врз граѓаните што излегоа на улиците низ Турција со цел да застанат во одбрана на демократскиот поредок и институциите во својата земја.
Видеото донесува преглед на најбитните факти во врска со терористичката организација ФЕТО и нејзиното делување, не само во Турција туку и во земјите од регионот, првенствено во БиХ, Северна Македонија, Србија, Косово и Албанија.
Видеото содржи и дел од изјавата на членот на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, кој во разговор за Агенција Анадолија (АА) неодамна рече дека ФЕТО е терористичка организација бидејќи, како поинаку да се квалифицира некој што се обидува да убие демократски избран претседател или некој кој фрла бомби на демократски избран парламент.
„ФЕТО е терористичка организација по мое длабоко убедување бидејќи како поинаку да се квалифицира некој кој се обидува да убие демократски избран претседател или некој кој фрла бомби на демократски избран парламент. Тоа е терористичка организација, тие се терористи и треба да се повлечат сите консеквенции што произлегуваат“, рече Џаферовиќ.
Претседателот на Партијата на демократска акција (СДА), Бакир Изетбеговиќ, неодамна во изјава за АА рече дека терористичката организација ФЕТО е малициозна организација, која поголемиот дел од она што го прави, го прави нетранспарентно.
При посетата на канцелариите на Агенција Анадолија во Сараево, премиерот на БиХ, Фадил Новалиќ, порача дека терористичката организација ФЕТО ја смета како закана за државата.
- Терористичката организација ФЕТО
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во САД, а Република Турција официјално ја побара неговата екстрадиција од САД.
Членовите на оваа терористичка организација со години, преку местење испити, напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во државните институции. Потоа, прво во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во турското правосудство, со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високопозиционирани официјални лица.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч што го изведоа офицерите на ФЕТО инфилтрирани во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа која не претставува опасност само за Република Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажаа и турските официјални лица. Во текот на пучот во Турција убиени се 251, а ранети се 2.734 лица.