Admir Fazlagic
19 Септември 2018•Ажурирај: 19 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД), Џорџ Вокер Буш, во писмено обраќање до граѓаните на Република Македонија, истакнува дека Договорот од Преспа е храбар и фер компромис што ќе ја стави Македонија на патот кон Европската Унија (ЕУ) и НАТО, и ги повикува граѓаните да гласаат на референдумот и да учествуваат во, како што вели, носењето на оваа историска одлука, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во писмото до граѓаните на Република Македонија, што го објави Атлантскиот совет во Вашингтон, поранешникот американски претседател Буш пишува дека уште од првиот ден на независноста на Македонија, САД се постојан пријател на земјата и граѓаните.
„Американскиот народ се восхитуваше на вашето мирољубиво издигнувње од пепелта на Југославија. Ја почитуваме вашата храброст да се придржувате до демократските вредности и слободните институции и го поддржуваме вашиот стремеж за остварување напредок и безбедност во Европа, која е цела, слободна и живее во мир“, вели Буш.
Во писмото, тој наведува дека како претседател на САД, имал чест во 2001 година да го поддржи тогашниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, кога тој ја „оттргнал Македонија од работ на граѓанската војна во правец на општество, дефинирано со мултиетничко разбирање и владеење на правото“.
„Бев горд кога Соединетите Држави ја признаа Република Македонија под нејзиното уставно име во 2004“, вели Буш во писмото.
Според него, Договорот од Преспа, сега, пред неговата ратификација, е храбар и фер компромис, кој ќе ја стави Македонија на патот кон влез во Европската Унија и НАТО, и што ќе осигура светла иднина.
„Ги повикувам сите граѓани на Македонија да учествуваат во носењето на оваа историска одлука и да гласаат на националниот референдум на крајот од овој месец. По една деценија со пречки, сега ја имате моќта да напишете една нова и понадежна приказна за вас, за вашите деца, за вашите соседи и за вашата земја“, вели Буш.
Потсетуваме, владите на Република Македонија и Република Грција во јуни оваа година, во Преспа го потпишаа Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, според кој, Република Македонија ќе го смени своето име во Република Северна Македонија.
Дел од спроведувњето на Договорот е и одржување референдум во Македонија, кој е закажан за 30 септември оваа година. Референдумското прашање ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“