Bojana Stojanovic
03 Септември 2020•Ажурирај: 04 Септември 2020
БЕЛГРАД
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека очекува разговорите Белград - Приштина во Вашингтон да бидат тешки, но дека не очекува ултиматуми, јавува Агенција Анадолија (АА).
Делегацијата на Белград, предводена од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, до 5 септември престојува во посета на Вашингтон каде што ќе бидат организирани разговори со Приштина.
„Замина тим кој во потполност е подготвен да разговара за економските проекти кои ќе доведат до подобра поврзаност и нормализација на односите Белград - Приштина“, изјави Брнабиќ.
Таа потсети дека на дневен ред се економски теми, налик на инфраструктурните проекти како што се авионската релација Белград - Приштина и Автопатот на мирот.
Премиерката на Србија им се заблагодари на САД што ја препознале иницијативата за „мини-шенген“ и додаде дека сите од регионот се добредојдени да се приклучат на таа иницијатива.
„Сите во регионот треба да разберат дека без мирен и стабилен регион нема просперитет ниту во Србија, ниту во Црна Гора, ниту во БиХ“, додаде Брнабиќ.
По повод резултатите во Црна Гора и изјавата на членот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, дека по парламентарните избори во Црна Гора „разбуден е големосрпскиот проект кој настојува да ги поврзе Белград, Бања Лука и Подгорица“, премиерката Брнабиќ рече дека Белград секако сака да помага во Бања Лука, Подгорица, Сараево и Тирана, и дека прави сѐ за поврзување на регионот.
„Не треба да се извинуваме што се грижиме за Србите во Црна Гора и БиХ, не правиме ништо што веќе не сме направиле во Србија“, рече Брнабиќ.
Таа наведе дека не гледа што тоа на луѓето им претставува проблем што Белград се грижи за Србите, независно дали тие живеат во БиХ, Црна Гора или Северна Македонија.