Andelija Stojkovic
21 Август 2017•Ажурирај: 21 Август 2017
БЕЛГРАД (АА) - Во Србија се одржаа средби на највисоко ниво поради повлекувањето на вработените од српската амбасада во Македонија, а српската премиерка Ана Брнабиќ ги замоли новинарите да почекаат по ова прашање да се огласи Министерството за надворешни работи, бидејќи како што рече, не станува збор за мала работа, јавува Anadolu Agency (АА).
Брнабиќ рече дека за повлекувањето на претставниците од српската амбасада во Македонија разговарала со министерот Ивица Дачиќ и дека се консултира со претседателот Александар Вучиќ.
„Работиме на тоа. Ве молам, почекајте го соопштението на Министерството за надворешни работи, кое ќе го објавиме напладне. Работиме заедно на тоа. Не станува збор за мала работа“, рече премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, за новинарите во српската Влада.
Вчера од Македонија беа повлечени амбасадорката на Србија и службениците од амбасадата во Скопје. Причината сѐ уште не е позната.