Ahmet Bayram,Meriç Ürer
12 Јуни 2018•Ажурирај: 13 Јуни 2018
ИЗМИР (АА) - Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, за време на својата посета на Турција, изјави „Бегалската криза која постои, барем засега е запрена на бугарската територија. До тоа дојде благодарение на напорите и заложбите на Турција. Ова го истакнувам и во разговорите со моите колеги и пријатели во ЕУ“, јавува Anadolu Agency (AA).
По билатералната средба на премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, со својот бугарски колега Борисов во еден хотел во Измир, заедничка прес-конференција одржаа двајцата премиери, на која Борисов упати сочувство до семејствата на двајцата бугарски пилоти кои вчера загинаа при пад на воен хеликоптер во близина на Пловдив, истакнувајќи дека ќе бидат истражени сите аспекти на несреќата.

Борисов го изрази своето задоволство од реализирањето на Трансанадолскиот гасовод (ТАНАП), кој ќе пренесува гас од Азербејџан преку Турција во Европа, еден од проектите за кои се зборуваше со години.
Во своето обраќање, Борисов упати поздрави до претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакнувајќи дека во врска со проектот ТАНАП имал средби и со претседателот на Русија, Владимир Путин.
„Турција е земја која има влијание на Балканот“
Бугарскиот премиер Борисов, посочувајќи дека Турција ги исполнила дадените обврски од Самитот ЕУ - Турција во Варна, го изјави следното: „Засега, барем е запрено илегалното влегување на бегалците во Бугарија. До тоа дојде благодарение на напорите и заложбите на Турција. Ова го истакнувам во разговорите со моите колеги и пријатели во ЕУ. Истакнувам дека тоа е резултат на добрите односи со Турција. Турција е земја која има влијание на Балканот.“
Благодарение на добрите билатерални односи со Турција околу инфраструктурните проекти, Борисов рече дека сакаат да се фокусираат на теми од дигиталните конекции. Истакна дека брзиот воз, кој од Турција ќе се протега до Европа, повторно ќе го заживее историскиот Пат на свилата.
Борисов рече дека се направени сите видови процеси околу прашањето за поврзувањето на Македонија и останатите балкански земји на Трансанадолскиот гасовод (ТАНАП).