СКОПЈЕ / САРАЕВО (АА) - Џихад Алиу / Кајхан Ѓул
Се вложуваат големи напори за изведување пред лицето на правдата и затворање на училиштата и претпријатијата на членовите на ФЕТО во земјите од Балканот, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Балканските земји, како што се Македонија, БиХ, Албанија и Косово, ФЕТО официјално не е призната како терористичка организација, но лидерите на овие земји, во своите говори, постојано за ФЕТО зборуваат како за терористичка организација.
Премиерот на Македонија, Зоран Заев, во своето минатогодишно обраќање по повод „21 декември - Денот на турската азбука“, за првпат ФЕТО ја нарече терористичка организација. Бакир Изетбеговиќ, претседавачот со Претседателството на БиХ, повеќепати изјави дека „ФЕТО е предавничка и терористичка организација“.
Рекламното пано на Колеџот „Јахја Кемал“, кое е поврзано со ФЕТО, поставено на Плоштадот „Македонија“ во Скопје, во јануари е отстрането благодарение на иницијативата на „Халкбанк“ - Скопје. На местото каде што претходно стоеше рекламата на Колеџот „Јахја Кемал“, сега се поставени рекламите на „Халкбанк“ и турската Фондација „Маариф“.
За дирекцијата на училиштата кои се поврзани со ФЕТО, се вели дека е префрлена во други објекти поради финансиските проблеми со кои се соочува.
- Операцијата во Косово беше тежок удар
Борбата против ФЕТО на Балканот доби други димензии кога во месец март беше спроведена операција во која 6 члена на ФЕТО од високо ниво беа депортирани во Туција. Оваа операција ѝ зададе тежок удар на структурата на ФЕТО на Балканот.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Фламур Сефај и претседателот на Косовската разузнавачка служба, Дритон Гаши, по операцијата, на барање на премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, поднесоа оставки.
- Измама околу „трансферот“
Во рамките на борбата против ФЕТО на Балканот, во ноември имаше случај во кој беа приведени двајца турски државјани во Албанија и Косово.
Со фалсификувани патни исправи на граничниот премин на пристаништето во Драч, приведен е турскиот државјанин Мухамед Јасир Ајдогмуш во обидот да патува за Италија заедно со своето семејство.
Како што откри Истанбулското републичко јавно обвинителство, Ајдогмуш во 2016 година извршувал пропаганда за ФЕТО на социјалната мрежа Твитер, користејќи го профилот „Фуат Авни“, како дел од трол-екипите (поттикнувачи на тензии и револтирачки реакции на социјалните мрежи) за обезбедување разузнавачки информации.
Под сомневање дека е член на ФЕТО, за Угур Токсој е поднесена меѓународна потерница. Токсој е приведен во југозападниот дел на Косово, во градот Призрен, по што тој е префрлен до специјалниот овластен јавен обвинител во Приштина.
За Токсој се вели дека соработувал со образовните институции и фондации на Ѓулен во Косово.
Членовите на ФЕТО во Албанија се обидоа да ја залажат јавноста со обидот Колеџот „Тургут Озал“, за кој се знае дека е близок со ФЕТО, да го префрлат под надлежност на компанијата „BF Cooperatief UA“, со седиште во Холандија.
- Училиштата на ФЕТО во БиХ на двапати го сменија сопственикот
И Босна и Херцеговина е една од земјите во кои е активна оваа организација.
Под името „Образовни институции Сема Босна“, организацијата во БиХ има образовни институции, од градинки до универзитет. По обидот за државен удар во Турција на 15 јули и намалениот интерес од страна на учениците и изгубената репутација, овие институции поврзани со ФЕТО на двапати го менуваа сопственикот.
Училиштата поврзани со ФЕТО, се обидуваат, со менување на сопствениците на училиштата да ја залажат јавноста за какви институции станува збор, но не се заборава фактот дека имињата, кои се дел од раководството во училиштата се блиски до ФЕТО.
- Поддршка од Ѓулен за Кантер и пучистите
Самуел Хенри, претставник на „Global Education“, кому ФЕТО му ги предаде на раководење училиштата поврзани со ФЕТО во БиХ, познат е по објавените видеоснимки на кои дава пофални изјави за лидерот на ФЕТО, Фетула Ѓулен и за посетата на училиштата на ФЕТО.
Вработените во институцијата во секоја пригода ја негираат својата поврзаност со ФЕТО, но доколку се погледнат нивните профили на социјалните мрежи, може да се забележи дека тие во своите објави ги споделуваат зборовите на Ѓулен и му даваат поддршка на кошаркарот Енес Кантер и на припадниците на ФЕТО кои учествуваа во обидот за државен удар.
- Учениците си заминуваат
По случувањата во периодот од 17 до 25 декември, локалното население на Балканот го виде вистинското лице на ФЕТО и во Босна и Херцеговина е забележано сериозно заминување на децата од училиштата.
Меѓународниот универзитет „Бурџ“ (Burch) почна да губи голем број студенти. Тоа е особено забележително по 15 јули, кога си заминаа голем број студенти од Турција. Еден дел од студентите се вратија во Турција, а дел од нив го продолжија студирањето на приватни или на државни универзитети во БиХ.
Постојаното предупредување на јавноста во БиХ за ФЕТО од страна на турските дипломати, придонесе за нивен дистанциран пристап кон фирмите и лицата во Босна и Херцеговина, поврзани со ФЕТО.
Иако овие институции во секоја пригода ја негираат својата поврзаност со ФЕТО, поднесуваат обвиненија против сите лица и институции кои објавуваат вести поврзани со нив.