Vesna Besic,Aleksandar Savanovic
09 Февруари 2025•Ажурирај: 10 Февруари 2025
БЕЛГРАД (АА) - По повод 100 дена од уривањето на настрешница на Железничката станица во Нови Сад, во која загинаа 15 лица, седум часа беа блокирани мостот „Газела“ во Белград и сообраќајниците на влезот во Нови Сад, јавува Анадолу.
„Сè уште никој не одговараше за 15-те изгубени животи. Инсистираме надлежните институции да преземат одговорност“, порачаа синоќа студентите од Земјоделскиот факултет во Белград во повикот за протест.
Колона студенти од Земјоделскиот факултет во Земун, придружувани од земјоделци и граѓани од Земун, рано денеска пристигнаа пред Сава центарот, а потоа во колона се упатија кон „Газела“, најзначајниот мост во главниот град на Србија, дел од автопатот Е75.
Учесниците во протестот предводени од земјоделците на трактори стигнаа до „Газела“ околу 11:30 часот, по што беше блокиран сообраќајот.
Студентите носеа транспаренти со порака „Од двете страни на реката, градот е наш“ и имињата на 15 загинати на 1 ноември во Нови Сад.
Во блокадата на три главни раскрсници на влезот во Нови Сад учествуваа трактори и земјоделска механизација на членовите на Иницијативата за опстанок на земјоделците на Србија, како и мотоцикли, членови на мото-клубови.
По 15-минутниот молк во сеќавање на 15-те загинати во уривањето на настрешницата на Железничката станица на 1 ноември, што предизвика протести низ Србија, учесниците во блокадата со врева, а на крајот и со аплауз, ја означија блокадата.
Блокадата во Нови Сад траеше до 14 часот и помина без инциденти.
Во повеќе градови низ Србија денес се одржуваат протести и „15 минутен молк“. Студентите ги повикаа своите сограѓани во што поголем број да се соберат на улиците во Ниш, Белград, Власотинце, Чачак, Горњи Милановац и други места.
Освен тоа, пет студенти од Универзитетот во Крагуевац денес ќе истрчаат штафетен маратон до Белград, со цел да им достават покани на колегите од Нови Сад, Ниш и Белград за протестот што ќе се одржи во Крагуевац на 15 февруари.