Alma Dekovic
08 Ноември 2022•Ажурирај: 09 Ноември 2022
САРАЕВО (АА) – Во Гази Хусрев-беговата библиотека во Сараево, Босна и Херцеговина, денес започна регионалната научна конференција „Улемата на Балканот меѓу двете светски војни“, која ја отвори реисул-улема на Исламската заедница на Босна и Херцеговина, Хусеин-еф. Кавазовиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Кавазовиќ ја оцени конференцијата како исклучително добра можност да „се потсетиме на улогата на нашите улеми во настојувањето муслиманите од Југоисточна Европа да се прилагодат на новата реалност и да се вклучат во современите текови на животот во новите околности во кои се затекнаа.“
„Знаењето е централниот поим на нашата исламска култура и цивилизација, тоа е втемелено и врз него почива градењето на нашиот светоглед, сè уште препознатлив во денешниот немирен и несигурен свет“, рече Кавазовиќ.
Како што наведе, од денешната временска дистанца може да се заклучи дека тоа време било полно со неизвесност и нагли и коренити општествени промени.
„Во меѓународните договори потпишани во тоа време на конгреси и конференции, идентификувано е постоењето на муслиманската заедница во Југоисточна Европа, посебна група во однос на другите заедници, без одредување на нејзиниот национален и општествено-политички идентитет. Овој факт во голема мера ги одреди општествените и историските текови, во кои улемата го доби средишното место во настојувањата во нејзиното дејствување да се надокнадат или барем да се одржуваат живи оние прашања кои беа важни за муслиманската заедница во теолошко-правна, политичка, економска, образовна и културна смисла“, рече Кавазовиќ.
Додаде дека многу прашања поврзани со положбата на улемата во тоа време се статусни и просветителски и други, и дека посебно се издвојува прашањето за „нивото на знаење, теоретско и практично, и неговата доволност во однос на проблемите што морале да се решаваат, од една страна, и начините на кои тоа знаење се организирало и користело од друга страна“.
Потсети дека тие биле поотворени за преземање решенија од други научни традиции, во отсуство на решенија во рамките на муслиманската научна традиција, доколку тие учења не биле во спротивност со темелните ставови на исламот.
„Покрај теолошките прашања, кон кои била понаклонета улемата образована во исламските земји, алимите од домашните високообразовни установи посветуваа поголемо внимание на општествените прашања од доменот на образованието, политиката, историјата и правото. Навистина, кога го користиме поимот улема тогаш главно, или во најголема мера, мислиме на оние кои поседуваат религиозно знаење (илум) и мудрост (хикмет) тоа знаење да го достават и да го применат“, рече реисул-улема на БиХ, Кавазовиќ.
Тој нагласи дека важно прашање за ова време е и прашањето за статусот и положбата на улемата во однос на општеството и државата.
„Некои нови увиди во босанскохерцеговските архиви, кои содржат материјали за коресподенцијата на нашите алими (исламски научници) со државните власти, ни говорат дека улемата била во многу лоша економска состојба, дури и најголемите великодостојници меѓу неа, како муфтиите. Често не биле во состојба да ги задоволат ниту основните потреби на своето семејство. Несомнено е дека таквата економска состојба се рефлектирала и на нивниот интелектуален живот, можноста за пристап до литература и квалитетно стекнување на знаење. И покрај сето тоа, таа останала најдостапната интелектуална сила за нашиот народ до која тој можел да пристапи без бариери“, рече Кавазовиќ.
Регионалната конференција е една од програмските содржини на манифестацијата на Институтот за исламска традиција на Бошњаците (ИИТБ) „Денови на исламската традиција на Бошњаците“, а коорганизатор на конференцијата е Здружението на научници на Исламската заедница (ИЗ) во Босна и Херцеговина.