Балкан

БиХ: Мигрантите во импровизираните кампови во Велика Кладуша живеат во тешки услови

Свесни дека зимата не е единствената причина поради која се „заробени“ на надворешната граница на ЕУ, сепак се надеваат дека ќе стигнат до земјите од западна Европа. Во БиХ немаат намера да останат

Zlatan Kapic  | 20.01.2021 - Обновена : 21.01.2021
БиХ: Мигрантите во импровизираните кампови во Велика Кладуша живеат во тешки услови Foto: Samir Jordamović - Anadolu Agency

ВЕЛИКА КЛАДУША

На патот покрај ридот до шумата во населбата Поље, недалеку од Велика Кладуша, Ахан Ахмед од Бангладеш дошол до импровизираниот камп каде што во многу тешки услови зимата ја поминуваат десетици мигранти, претежно негови сонародници и Авганистанци.

Во разговор за Агенција Анадолија (АА) објаснува дека во наткривениот шатор готват едно од нивните традиционални јадења. Во поставените шатори живеат повеќе десетици мигранти, а како што велат, најчести гости им се новинарите и претставниците на хуманитарните организации. И едните и другите се добредојдени, бидејќи, како што велат, на свој начин помагаат во ублажување на тешкотиите и неизвесноста.

Деветнаесетгодишниот Ахмед во изјавата за АА рече дека само во делот на кампот во кој тој престојува веќе три месеци, откако дошол во БиХ, живеат 16 лица.

Локацијата недалеку од Велика Кладуша не е случајност. Близината на границата со Република Хрватска и со самото тоа, со Европската Унија (ЕУ), е клучна во изборот на местото на привремениот престој.

Како што велат, животот го организирале онака како што условите дозволуваат. Помеѓу шаторите поставени се импровизирани дрвени носачи на кои сушат облека, тогаш кога временските услови го дозволуваат тоа. Како што велат, на густиот чад што доаѓа во наткривениот простор за подготвување оброци, навикнале. Поважно е да им е помалку ладно.

За да ги издржат полесно студените зимски ноќи, оганот го ложат во метални делови од автомобили така што во текот на ноќта топлината би се задржала што е можно подолго. Наутро, сè тргнува одново. За онолку пари колку што имаат ќе набават некои од потребните артикли.

Свесни дека зимата не е единствената причина поради која се „заробени“ на надворешната граница на ЕУ, сепак се надеваат дека ќе стигнат до земјите од западна Европа. Во БиХ немаат намера да останат.


- За три години во Унско-Санскиот кантон дошле речиси 100.000 мигранти

Во изминатите три години, како што за АА рече премиерот на Унско-Санскиот кантон (УСК), Мустафа Ружниќ, дошле 94.500 мигранти. Се работи за бројот на евидентирани мигранти.

Сите ранливи категории на подрачјето на УСК се згрижени. Семејствата, семејствата со деца, жените без придружба и децата без придружба се сместени во камповите „Седра“ и „Бориќи“ и тие два кампа функционираат без какви било проблеми.

Во кампот „Липа“ моментално престојуваат повеќе од 700 мигранти, а вкупниот моментален број на мигранти во подрачјето на Унско-Санскиот кантон е помеѓу три и три и пол илјади.

Европската Унија, чии граници се затворени за мигрантите, претходно упати предупредување до Босна и Херцеговина поради лошото менаџирање со мигрантската криза.

Локалните власти во повеќе наврати бараа рамномерна распределба на товарот од мигрантската криза на подрачјето на цела Босна и Херцеговина и зајакната контрола на источната граница.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın