Балкан

Влада на Северна Македонија: Рестораните повторно ќе работат до 21:00 часот

Согласно одлуката, од 21 јануари се укинува одлуката за ограничување на работното време на рестораните и другите угостителски објекти за работа до 18:00 часот

Admir Fazlagic  | 19.01.2021 - Обновена : 20.01.2021
Влада на Северна Македонија: Рестораните повторно ќе работат до 21:00 часот

СКОПЈЕ 

Владата на Република Северна Македонија на денешната 40-та седница, по препорака на Комисијата за заразни болести, донесе измени на одлуката на работното време на рестораните и другите угостителски објекти, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Согласно одлуката, која ја објави прес-службата на Владата, од 21 јануари се укинува одлуката за ограничување на работното време на рестораните и другите угостителски објекти за работа до 18:00 часот.

„Со одлуката од денешната седница се враќа работното време на овие објекти утврдено со претходната одлука, односно тие ќе можат да работат до 21:00 часот, со исклучок на рестораните и другите угостителски објекти на аеродромите, на бензинските пумпи и во хотелите кои од 21 јануари ќе можат да работат со редовното работно време согласно законот", се наведува во соопштението на Владата.

Министерот за здравство на Северна Македонија Венко Филипче, на социјалните мрежи информираше за оваа одлука и додаде:

„Следната недела откако ќе ја анализираме епидемиолошката состојба во земјата, можно е дополнително олабавување на мерките, односно работното време на угостителските објекти да биде до 23 часот."

Според последниот извештај на Министерството за здравство, вкупната бројка на евидентирани случаи на Ковид-19 од почетокот на епидемијата во земјата изнесува 89.392, додека вкупната бројка на починати од овој вирус во земјата е 2.726.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.