Bakir Tiro
20 Јануари 2021•Ажурирај: 21 Јануари 2021
СРЕБРЕНИЦА (АА) - Меморијалниот центар „Сребреница - Поточари“ во Босна и Херцеговина на проектот за собирање лични предмети на жртвите од геноцидот работи околу една година и како што наведуваат, тој процес ќе трае низа години, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во текот на изминатите години тимот на Меморијалниот центар „Сребреница - Поточари“ на два начина работеше на собирањето предмети. Првиот начин е што семејствата лично ги донирале на трајно чување своите или предметите на нивните блиски што беа убиени за време на геноцидот, а друг начин е теренската работа за собирање предмети на значајни локации каде што се движела колоната на Маршот на смртта од јули 1995 година или местата на кои луѓето престојувале по падот на Сребреница под контрола на Војската на Република Српска.
„Во изминатите три месеци, благодарејќи на поддршката на Федералното министерство за прашањето за борците и инвалидите од Одбранбено-ослободителната војна, тимот на Меморијалниот центар посети неколку значајни локации на кои луѓето престојувале во текот на извршувањето на геноцидот и притоа на тие места пронајде одреден број предмети што жртвите ги користеле, така што додатно ја збогативме нашата музејска збирка. Притоа, ангажиравме неколку луѓе на терен, луѓе што го преживеале геноцидот во Сребреница и поранешни припадници на Армијата на Босна и Херцеговина, кои ни помогнаа во потрагата по предметите“, рече Азиз Османовиќ, кустос на Меморијалниот центар и координатор на проектот.
Проектот има исклучителна важност. Од собраните предмети кустосите на Меморијалниот центар ќе креираат тематски изложби, а посетителите ќе имаат можност да ги перципираат настаните што се одвивале во воениот период од 1992 до 1995 година на просторите на Средно Подриње.
„Во рамките на одбележувањето на 25-годишнината од геноцидот во Сребреница направивме изложба од собраните предмети, а во иднина планираме да креираме уште повеќе изложби што ќе бидат поврзани за предметите на жртвите од геноцидот. Всушност, една од причините зошто ги собираме предметите е и таа преку нив да ја раскажеме приказната за геноцидот“, нагласи Османовиќ.
Од Меморијалниот центар „Сребреница - Поточари“ истакнаа дека проектот за собирање на личните предмети продолжува и во иднина. Сите што го преживеаја геноцидот, имаат предмети од тој период што им припаѓале ним или на членовите на семејствата, убиени во текот на геноцидот, можат да ги подарат на трајно чување во Меморијалниот центар.