Балкан

БиХ: Избрана новата влада на Република Српска, пет нови министри

Во своето обраќање, Миниќ порача дека новата влада нема да губи време и ќе ги продолжи започнатите политики, со фокус на политичка стабилност, поддршка на домашната потрошувачка и зајакнување на економијата

Zlatan Kapic  | 19.01.2026 - Обновена : 19.01.2026
БиХ: Избрана новата влада на Република Српска, пет нови министри

САРАЕВО (АА) - Народното собрание на босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска доцна синоќа на вонредна седница ја избра 19-та Влада на Република Српска (РС), на чие чело е премиерот Саво Миниќ. По гласањето, претседателот и членовите на владата положија свечена заклетва, јавува Анадолу.

Во однос на претходната седница, именувани се пет нови министри. Драга Мастиловиќ е избран за министер за научно-технолошки развој и високо образование, Раденко Бубиќ за министер за економија и претприемништво, Неџад Нед Пуховац за министер за трговија и туризам, Радан Остојиќ за министер за труд и ветеранско-инвалидска заштита, а Ирена Игњатовиќ за министерка за семејство, млади и спорт.

Во своето обраќање, Миниќ порача дека новата влада нема да губи време и ќе ги продолжи започнатите политики, со фокус на политичка стабилност, поддршка на домашната потрошувачка и зајакнување на економијата.

Минатата недела, Миниќ изјави дека го вратил мандатот на претседател на Владата на РС, но дека од вршителката на должноста претседателка на РС, Ана Тришиќ Бабиќ, бил информиран дека повторно ќе биде предложен за премиер.

Одлуката за враќање на мандатот дојде пред седницата на Уставниот суд на БиХ, на која треба да се разгледува жалбата на група пратеници од Парламентот на БиХ во врска со назначувањето на мандатарот, откако Централната изборна комисија на БиХ го одзеде мандатот на тогашниот претседател на РС, Милорад Додик, во август 2025 година.

ЦИК на БиХ ја донесе одлуката откако Додик беше осуден на една година затворска казна и шестгодишна забрана за вршење јавна функција. Според Уставот на РС, претседателот на ентитетот на Народното собрание му предлага кандидат за премиер.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın