Балкан

БиХ: Бењамина Кариќ избрана за градоначалничка на Сараево

Кариќ, која е избрана едногласно со 26 гласа на советниците, на јавноста ѝ е позната како најмлада докторка на правните науки во БиХ и прва повоена докторка на класичното римско право

Aldijana Hadzic  | 08.04.2021 - Обновена : 09.04.2021
БиХ: Бењамина Кариќ избрана за градоначалничка на Сараево ( Foto: Samir Jordamovic / Anadolu Agency )

САРАЕВО

Во текот на продолжувањето на конститутивната седница на Градскиот совет на Градот Сараево, советниците едногласно за градоначалничка на Сараево ја избраа Бењамина Кариќ, јавува Агенција Анадолија (АА).

На конститутивната седница на Градскиот совет одржан на 24 март, за позицијата нов градоначалник требаше да биде избран градоначалникот Богиќ Богиќевиќ, но таа седница е прекината поради недостиг на кворум. Тој истиот ден ја повлече кандидатурата, за што го извести претседателот на Социјалдемократската партија (СДП), Нермин Никшиќ, партијата која го кандидираше за местото на градоначалник.

На седницата на 26 март конституиран е Градскиот совет. Срѓан Срдиќ ја повлече кандидатурата за претседател на Градскиот совет, а на таа позиција е избран Јасмин Адемовиќ (НиП). Потоа Градскиот совет за градоначалник го избра Богиќевиќ, но тој тоа го одби.

СДП потоа за градоначалничка на Сараево ја кандидира Бењамина Кариќ, родена Лондрц, додека кандидати за заменик-градоначалници останаа Харис Башиќ (НиП) и Ања Маргетиќ (Наша странка).

Во продолжението на конститутивната седница востановено е дека постои кворум, а претставена е и биографијата на кандидатката за градоначалничка.

За Кариќ гласаа 26 советници, односно, избрана е едногласно.

Бењамина Кариќ е родена во 1991 година во Сараево, од својата 18. година е член на СДП, а од 2019 година е потпретседателка на партијата.

Кариќ на јавноста ѝ е позната како најмлада докторка на правни науки во Босна и Херцеговина и прва повоена докторка на класичното римско право. Авторка е на повеќе од 50 публикации, книги, статии и преводи од латински јазик. Со академска работа се занимава од завршувањето на студиите и помина звања од демонстратор, асистент и доцент. Течно говори англиски и германски јазик.

Земајќи предвид дека Статутот на Град Сараево ја пропишува обврската во поглед на националната припадност на раководството на Градскиот совет и Градската управа, по национална припадност Кариќ се изјаснува како „останати“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın