Zlatan Kapic
31 Август 2021•Ажурирај: 31 Август 2021
БЕЛГРАД (АА) - Министрите за надворешни работи на Турција и Србија, Мевлут Чавушоглу и Никола Селаковиќ, денеска во Белград потпишаа Меморандум за разбирање и зајакнување на билатералната соработка меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Селаковиќ денеска во Палатата на Србија го прими турскиот министер за надворешни работи Чавушоглу, кој е во дводневна официјална посета на Србија.
Денес, Чавушоглу се сретна и со српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ и оствари средба со турски бизнисмени во земјата.
- Свечено отворање на Генералниот конзулат на Турција во Нови Пазар -
Министерот Чавушоглу утре ќе престојува во посета на Нови Пазар, придружуван од српскиот министер за надворешни работи, Никола Селаковиќ. Чавушоглу и Селаковиќ ќе се сретнат со градоначалникот Нихад Бишевац, по што ќе следува инаугурација на Генералниот конзулат на Република Турција во Нови Пазар.
На свеченото отворање ќе бидат прикажани и видеопораки од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Чавушоглу ќе го посети и Бошњачкиот национален совет (BNV), каде што ќе разговара со претседателката Јасмина Чуриќ.
Исто така, планирано е министерот за надворешни работи на Турција да ја отвори салата на Спортската академија „Догуш“, што беше реставрирана од истоимената компанија од оваа земја по налог на турскиот претседател Ердоган.
Во придружба на министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Томислав Момировиќ, Чавушоглу ќе го посети и градилиштето на компанијата „Тасиапи“, која го модернизира патот Нови Пазар - Тутин. Во оваа прилика, Чавушоглу ќе разговара и со извршниот директор на „Тасиапи“, Емрула Туранли.
- Средба со претседателот на српскиот Парламент, Дачиќ -
По враќањето во Белград истиот ден, Чавушоглу ќе се сретне со претседателот на српскиот Парламент, Ивица Дачиќ, и се очекува да ја посети турската женска одбојкарска репрезентација, која игра во српската престолнина во рамките на Европското првенство.