Bojan Bednar
17 Ноември 2022•Ажурирај: 18 Ноември 2022
БЕЛГРАД (АА) - Лидерите на Западен Балкан на денешната конференција „Можности за вложувања во обновливи извори на енергија во Западен Балкан“ се согласија дека ќе инвестираат во обновливите извори на енергија и на регионалниот пазар за земјите од регионот да имаат безбедна енергетска иднина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференцијата одржана по состанокот на лидерите на Западен Балкан, истакна дека за Србија енергетиката е прашање од клучно значење и дека во претстојниот период нивото на инвестиции во енергетиката мора да биде од 17 до 32 милијарди евра за да може државата да опстане, да има доволно гас, струја, нафта, сѐ за функционирање на индустријата и домаќинствата.
Тој наведе дека прашањето за енергетиката ќе се решава во соработка со Норвешка.
Заменик-министерот за енергетика и специјален пратеник на премиерот на Норвешка, Андреас Ериксен, истакна дека зелената енергија може да ја поттикне зелената транзиција во целиот регион.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, истакна дека сега е шансата да се искористат можностите на зелената енергија во земјите од Западен Балкан, но и да се развие регионот како место за создавање на таа зелена енергија. Додаде дека во претходниот период било можно да се види создавање „регион на соработка и добрососедски односи“.
Истакна дека соработката е единствен начин за надминување на кризата и создавање постабилен енергетски систем кој ќе привлече повеќе инвеститори.
Тој оцени дека ниту една земја не може сама да ги решава проблемите и истакна дека околностите укажуваат дека регионот може да ја искористи глобалната криза за да стане центар на енергетскиот потенцијал.
Тој ги повика инвеститорите од Норвешка да вложуваат во Северна Македонија и во целиот регион, заклучувајќи дека намерата на Северна Македонија е да направи капацитет до гигават зелена енергија.
Претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, истакна дека е очигледно дека Босна и Херцеговина е многу децентрализирана земја и во однос на прашањето за енергетиката. Наведе дека постојат три јавни претпријатија кои произведуваат електрична енергија и едно претпријатие за пренос на енергија.
„Моментално во БиХ се произведува повеќе електрична енергија отколку што се троши во БиХ, но количествата што се извезуваат зависат од хидролошката состојба“, рече Тегелтија.
Напомена дека најголемите ограничувања се тоа што се објектите изградени одамна, со исклучок на една термоцентрала што е изградена пред неколку години и истакна дека затоа е потребно големо вложување во нив.
Тој рече дека БиХ е свесна дека мора да се менува начинот на производство на електрична енергија, бидејќи моментално 60 отсто од таа енергија се произведува во термоелектраните, а БиХ ја прифати Зелената агенда на ЕУ.
Нагласи дека БиХ планира со Србија да ја изгради хидроцентралата „Бук Бијела“, но дека изградбата сѐ уште не започнала поради „внатрешни недоразбирања“ во БиХ.
Додаде дека е отворен и за други вложувања, особено во обновливите извори на енергија по принципот на приватни инвестиции или јавно-приватно партнерство, за кои рече дека се најдобро решение.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, рече дека во време на криза потребна е поширока соработка за која се залагаа основачите на Отворен Балкан и дека заедничкото настапување олеснува многу работи, и за прашањето на енергетиката.
Наведе дека земјите од Западен Балкан се мали пазари, дека мора да се прошират надвор од своите граници и дека сѐ е многу поскапо ако секоја земја се занимава со нешто изолирано, отколку кога земјите би настапувале заедно.
„Ако настапуваме заедно од регионален аспект, можеме да имаме поедноставен пристап до финансии и посилни партнерства со приватниот сектор“, рече Рама.
Премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, истакна дека неговата земја има многу сончеви денови и дека сака да изгради нови енергетски објекти, бидејќи тие не се градени околу 40 години. Наведе дека ќе се инсистира на сончева и ветерна енергија и дека постои план за изградба на постројка за течен гас во пристаништето во Бар.
Абазовиќ рече дека во Црна Гора постои дисбаланс меѓу производството и увозот на електрична енергија во различни периоди од годината. Додаде дека целиот Западен Балкан е подготвен да учи од нордиските земји.