Kemal Zorlak
20 Октомври 2021•Ажурирај: 21 Октомври 2021
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, се состана со славниот холивудски актер Џони Деп и претставниците на „Лерволино студио“, кои престојуваат во Белград по повод промоцијата на анимираниот серијал произведен во Србија за глобална дистрибуција „Пафинс импосибл“ (Puffins Impossible).
„Серијалот е креиран во студиото за производство на анимирани содржини „Лерволино студио“ на Андреа Лерволино и Моника Бакарди, основачи на матичната компанија „Лерволино енд лејди Бакарди ентертејмент“ (ИЛБЕ), а продукцијата ја потпишува „Архангел диџитал студио“ (АДС) на Милош Биковиќ. Серијалот е реализиран со поддршка на Министерството за култура и информирање на Република Србија“, соопштено е од Кабинетот на Вучиќ.

„Производството на ваков серијал не е важен само за „Лерволино студио“ и „Архангел диџитал студио“, кои партнерски го изнесоа овој проект, туку и за српската креативна индустрија, како и за промоција на нашата земја во светот“, истакна Вучиќ, и нагласи дека во знак на благодарност за почитта која ја изразува кон Србија, како и поради бројни проекти кои вработуваат голем број млади луѓе, ќе го одликува Деп на свечената церемонија на Денот на државноста на Република Србија.
„Почестен сум со одлуката да бидам награден со Орденот за заслуги. Ќе ми биде голема чест да дојдам во Србија на 15 февруари и да присуствувам на свечената церемонија. Ќе продолжам да работам на промоција на вашата прекрасна земја“, истакна Џони Деп, заблагодарувајќи се на Вучиќ за укажаната чест.
Проектот, покрај Џони Деп, го претставија и Андреа Лерволино, Моника Бакарди и Милош Биковиќ.
Во текот на неделата свечено ќе биде отворен и огранокот на „Лерволино студио“ во Белград,
„Србија е еден од најинспиративните пазари на кој работи ИЛБЕ. Производството на серијалот „Пафинс импосибл“ е доказ дека имаме способен и посветен тим, спремен за проекти во светски рамки. Отворивме цел сектор посветен на постпродукција и визуелни ефекти, така што нашите планови одат понатаму од производство на анимирани содржини. Наша цел е Србија да стане Холивуд“, рече Моника Бакарди, коосновачката на компаниите „Лерволино енд лејди Бакарди ентертејмент“ и „Лерволино студио“.