СКОПЈЕ
Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), дел од владејачката коалиција во Северна Македонија, Али Ахмети, во врска со спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, изјави дека неговиот законодавен дел е исполнет, но „во прагматичниот дел има уште да се направи“.
Северна Македонија утре ја одбележува 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој заврши меѓуетничкиот вооружен конфликт во 2001 година помеѓу двете најголеми етнички заедници во земјата, Македонците и Албанците.
Во интервју за Агенција Анадолија (АА), лидерот на ДУИ истакна дека Охридскиот договор е еден од најважните документи на Северна Македонија, затоа што „ја спаси земјата од можна трагедија“.
„Охридскиот договор ја спаси земјата од можни трагедии, кои може да настанат од поделби, безброј трагедии во загуба на животи. Беше интервенирано на време, со оглед на претходните искуства во Босна и Косово што се случија. Меѓународната заедница беше многу брза и интервенираше меѓу страните, да започнат преговори за можен мировен договор“, рече Ахмети.
Ахмети зборуваше и за спроведувањето на Охридскиот договор, за што рече дека сите заедници што живеат во Северна Македонија имаат корист од овој договор, но додаде дека има уште работа.
„Охридскиот договор е имплементиран, законодавниот дел е исполнет, прагматичниот дел треба да се направи. Не треба да бидеме арогантни да кажеме дека се е затворено, сѐ уште има одделенија без застапеност на други заедници, вклучително и Албанци, Турци, Роми и така натаму. Сѐ уште постојат предрасуди од македонската заедница дека ја губат својата држава. Охридскиот договор претставува победа за сите, победа и за Македонците, бидејќи да се добие мир, стабилност и безбедност, се разбира, е голема победа“, изјавува Ахмети.

Ахмети истакна дека од Охридскиот договор придобивки имаа и верските заедници, како што се евангелиската и еврејската, заедници чии легитимни права не биле признаени.
„Основите на државата беа зајакнати со Охридскиот договор, зближувајќи ги заедниците. Ние не бевме себични мислејќи само за себе. Го отворивме патот во армијата, но и во постигнувањето договор сите да бидеме еднакво третирани", рече Ахмети.
Запрашан за мотото „По Охрид“ на 20-годишнината од потпишувањето на договорот, Ахмети рече дека тоа значи приклучување на земјата кон Европската унија (ЕУ), воспоставување стандарди слични на оние во земјите од ЕУ, но и одбрана на правата на секоја единка, без разлика на етничката припадност.
„Ова е Македонија по Охрид. Со стандарди, со владеење на правото, со борба против корупцијата и со Македонија безбедна за живеење. Имаме уште многу работа, како во областа на економијата, така и во областа на животната средина. Сѐ уште имаме населби без канализација, имаме уште воздух што е загаден од разни домаќинства или бизниси. Колку подлабоко одите, толку повеќе гледате колку работа треба да направите", вели Ахмети.
Меѓуетничкиот конфликт избувна на почетокот на 2001 година меѓу Ослободителна народна армија (ОНА) и безбедносните сили на тогашна Репубика Македонија поради незадоволството на Албанците, кои бараа поголема застапеност во државните институции и унапредување на нивните права во земјата.
За време на конфликтот, кој траеше неколку месеци, преговорите меѓу страните започнаа во главниот град Скопје, за да продолжат во Охрид, каде што е парафиран договорот. Преговорите траеја два месеци и беа успешно завршени на 13 август истата година со потпишување на Рамковниот договор во претседателската резиденција во Скопје.
Во потпишувањето на договорот учествуваа лидерите на најголемите политички партии во земјата и специјалните претставници на Европската унија и САД.
Договорот доведе до унапредување главно на правата на Албанците, но и на другите малцински заедници во земјата, поточно турската, бошњачката, српската, влашката и ромската заедница. Со текот на годините, во рамките на имплементацијата на Рамковниот договор, донесени се над 130 амандмани и законски решенија, од кои повеќето се закони за недискриминација и правична застапеност, додека некои од нив се од областа на идентитетот, културата, образованието и децентрализацијата на власта.
20 години по потпишувањето на Охридскиот договор, мислењата на експертите и пошироката јавност за договорот се поделени. За некои, договорот придонесе за изградба на мултиетничка Северна Македонија, ги гарантираше и промовираше правата на помалите етнички заедници, додека некои сметаат дека останува уште многу да се направи.
Ахмети беше политички водач на Ослободителна народна армија и по потпишувањето на договорот од 2001 година ја основа политичката партија Демократска унија за интеграција (ДУИ). Оттогаш, оваа политичка партија игра клучна улога за правата на Албанците во Северна Македонија.
Во интервјуто за АА, лидерот на ДУИ зборуваше и за иницијативата „Отворен Балкан“, во која се вклучени Северна Македонија, Албанија и Србија, но државите Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина не се приклучија. Според Ахмети, оваа тема бара мирен третман, без емоции.
„Тоа е многу чувствителна тема. Тоа е тема која бара мирен третман, без емоции, без оптоварувања. Во областите на Западен Балкан, главно на териториите на поранешна Југославија, се случија крвави војни и овие војни завршија пред 22 години. Веќе 22 години немаме вооружени судири, имаме договори кои бараат имплементација и материјализација, со кои регион треба да се согласи“, рече Ахмети.
Наведувајќи го примерот на Германците и Французите по Втората светска војна, тој рече дека треба да се постават стандарди за комуникација со цел да не се повторат војните од пред 25 години на териториите на поранешна Југославија.
„Во трајно непријателство нема напредок. Иако ситуацијата е многу чувствителна во односите Србија-Косово, во односите Босна-Србија, во односите Црна Гора-Србија, бидејќи во овој контекст, Црна Гора, како мала земја, се чувствува загрозена од Србија. Но, со тврдења на политиките од минатото не се оди напред, со експанзионистички, окупаторски, асимилациони политики, не се оди напред“, нагласи Ахмети.
Според него, во врска со иницијативата „Отворен Балкан“, потребно е појаснување, комуникација и искрена соработка помеѓу земјите од регионот, нагласувајќи дека сите земји треба да инвестираат во градењето на мирот, безбедноста и иднината.
„Единствениот начин сега е комуникација, искрена соработка меѓу земјите, без намера да бидат узурпаторски и тоталитарни, туку да бидат комуникативни, кооперативни и воспоставување правда и еднаквост за сите. Слободна комуникација на луѓето, стабилна економија без влијанија или доминација. Мислам дека не е лесно, но потребни се појаснувања, потребна ни е комуникација, бидејќи треба да бидеме членки на ЕУ, треба да бидеме во обединета Европа“, потенцираше Ахмети.
Главната цел на иницијативата „Отворен Балкан“, која беше формализирана на економски форум одржан кон крајот на јули во Скопје, е постојните регионални иницијативи да ги направи поефикасни со цел да се постигнат практични и видливи резултати за граѓаните на Западен Балкан.
Иницијативата, исто така, има за цел да постигне создавање заеднички регионален пазар, кој како преодна форма треба да го приближи регионот до ЕУ и да го забрза патот до полноправно членство.
Запрашан за односите меѓу Северна Македонија и Турција, Ахмети истакна дека односите се пријателски, и ја поздрави постоечката комуникација, која според него, напредува на сите полиња.
„Се разбира, нашиот постојан интерес е односите со Турција да бидат во рамките на пријателските односи. Има комуникација, соработка на сите полиња, на политичко поле, во областа на економијата и има инвестиции од Турција. Комуникација е за поздрав и напредува со текот на времето“, изјави Ахмети.
news_share_descriptionsubscription_contact
