Oktaj Omeragikj
13 Август 2021•Ажурирај: 15 Август 2021
СКОПЈЕ
Партијата за движење на Турците (ТХП) упати соопштение по повод 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Пред потпишувањето на Охридскиот рамковен договор етничките заедници во Република Македонија се чувствуваа маргинализирани и деградирани, како поради ограничената можност во користењето на мајчиниот јазик, така и поради несоодветната застапеност во државната и јавната администрација.
По потпишувањето на Охридскиот рамковен договор овие слабости почнаа да се надминуваат, така што договорот се претвори во еден процес на мултиетничка демократија.
По 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор сметаме дека треба да се анализира како се чувствуваат помалубројните етнички заедници.
Анализирајќи ги извештаите на Народниот правобранител и Регистарот на вработени на МИОА се гледа дека турската заедница не е доволно застапена во државната и јавната администрација. Исто така, во Собранието на Република Северна Македонија турската заедница не е доволно застапена, како и во сите други нивоа на правниот систем“, се наведува во соопштението на Партијата за движење на Турците.
Според ТХП, Охридскиот рамковен договор треба да се заокружи со промена на изборниот закон, односно изборен модел. Со нов изборен модел треба да им се дадат еднакви можности на сите граѓани. ТХП смета дека постои очигледна потреба од дополнителен ангажман на државата во остварувањето, унапредувањето и заштитата на правата на помалубројните етнички заедници во земјата.