Zylfije Adem Jakupi
04 Септември 2020•Ажурирај: 05 Септември 2020
ПРИШТИНА
Еден од политичките лидери на Албанците во Северна Македонија и еден од основачите на Ослободителната војска на Косово, Али Ахмети, го заврши давањето на својот исказ во својство на сведок пред претставниците на Специјалното обвинителство за Косово во Хаг, кое е спроведено во Косовско Поле, во канцелариите на мисијата ЕУЛЕКС (EULEX) на Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ахмети по завршувањето на дводневното испитување кое траеше 12 часа не даде детали за што се разговарало.
„Моето интервју траеше два дена. До крајот на овој процес не можам да споделам какви било информации со јавноста. Така одредува законот и сакам да го почитувам законот. На крајот од овој процес ќе разговараме“, рече Ахмети во изјавата за медиумите.
Али Ахмети во јули соопшти дека Специјалното обвинителство за Косово во Хаг го повикало на разговор во својство на сведок.
Досега преку 300 поранешни припадници на ОВК се испрашани од страна на Специјалното обвинителство за Косово во Хаг, било во својство на осомничени, било во својство на сведоци.
Специјалниот суд за Косово, поточно Специјализираниот совет и Специјализираното обвинителство за Косово се со привремен карактер и конкретен мандат и надлежност во постапката за злосторства против човештвото, воените злосторства и за други кривични дела според законите на Косово, кои се започнати или извршени на Косово во периодот од 1 јануари 1998 до 31 декември 2000 година од страна на граѓаните на Косово или од Сојузна Република Југославија, односно против нив.