Fatjon Cuka
12 Мај 2019•Ажурирај: 13 Мај 2019
ТИРАНА (АА) - Албанската полиција процесираше десетици лица во врска со актите на насилство на протестот на опозициските партии кој се одржа на 11 мај во Тирана, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во официјалното соопштение од страна на Генералниот директорат на албанската полиција се вели дека 84 лица се обвинети за акти на насилство против полициските службеници и државните институции во вчерашниот протест на опозицијата, а од нив 50-мина се уапсени.
„Демонстрантите, како резултат на користење на молотови коктели, пиротехнички средства, капсули и други предмети, предизвикаа значителна штета на вратите и просториите на објектот на премиерот, седиштето на Парламентот, седиштето на парламентарните седници, вратите на Министерството за внатрешни работи и ги скршија и уништија просториите на некои приватни и јавни субјекти“, се вели во соопштението.
Уапсените се товарат за кривичните дела „Спротивставување на јавниот ред и полицијата“, „Удар поради должноста“, „Кршење на јавниот ред и мир“, „Уништување на имот со пожар“ и „Кршење на правилата за експлозивни, запаливи и радиоактивни средства“.
Во врска со насилството реагираше и албанскиот министер за внатрешни работи, Сандер Лешхај, кој во една изјава рече дека „Минатата ноќ Тирана доживеа серија координирани напади врз уставните институции и полицијата.“
„Јас сум целосно убеден дека надлежните правни органи ќе ги преземат неопходните мерки за да бидат земени на одговорност сите оние кои ги планираа, организираа и упатија нападите врз институциите и полицијата“, изјави министерот Лешај.
Според полицијата, 16 полицајци биле повредени како резултат на насилство, а исто така повредени останале и неколку демонстранти.
На протестот организиран од страна на опозициските партии во Албанија, Демократската партија (ДП) и Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), што се одржа на 11 мај во Тирана, се случија тензии и судири меѓу полицијата и демонстрантите.
Опозициските партии, кои по поднесувањето на парламентарните мандати во февруари организираа неколку протести, инсистираат на организирање предвремени избори.