Fatjon Cuka
12 Декември 2020•Ажурирај: 14 Декември 2020
ТИРАНА
Во Албанија четири дена по ред се одржуваат насилните протести поради смртта на 25-годишното машко лице кое почина откако беше повредено во текот на полициска потрага, јавува Агенција Анадолија (АА).
Стотици граѓани протестираа вечерва во главниот град на Албанија Тирана, под слоганот „Правда за Клодијан". Демонстрантите, како и во претходните денови, предизвикаа инциденти и тензии, при што беа оштетени сообраќајни знаци и други објекти.
Најпрвин демонстрантите се собраа пред седиштето на премиерот на Албанија, на Булеварот на „Народните херои", а потоа продолжија кон седиштето на Министерството за внатрешни работи и кон Локалната полициска управа во Тирана.
Поради инциденти, полицијата фрлаше солзавец, а потоа демонстрантите по групи се разделија во некои делови од главниот град на Албанија.
Албанската полиција презеде дополнителни мерки за вечерашниот протест, ангажирајќи стотици полициски сили да ги чуваат зградите на државните институции.
По оставката на министерот за внатрешни работи Сандер Лешај, демонстрантите бараат оставка и на генералниот директор на албанската полиција Арди Велиу, како и реформа на полицијата.
- Настанот во кој 25-годишното лице го загуби животот
Клодијан Раша (25) во ноќта на 8 декември е пукан од полицаец во текот на потрага во време на полициски час воведен во рамките на мерките преземени против ширењето на коронавирусот (Ковид-19).
Според официјалното соопштение од Службата за внатрешни работи и жалби при Министерството за внатрешни работи на Албанија, по повикот на полицијата да запре, младото лице не го послушал повикот на полицаецот и се обидело да избега од полицијата, поради што полицијата започнала потрага по него. Како што се наведува, полициските службеници откриле дека лицето со себе носело огнено оружје.
Еден од полицајците, откако не успеал да го фати лицето, кон него отворил оган со службено оружје, при што 25-годишникот бил повреден, а потоа го загубил животот во болница.
Судскиот окружен суд во Тирана му ја изрече мерката „апсење во затвор" за полицаецот Невалд Хајдари, кој властите го обвинуваат дека во текот на службата во Тирана пукал во младото лице со службено оружје.