Fatjon Cuka,Dzihat Aliju
15 Септември 2018•Ажурирај: 15 Септември 2018
ТИРАНА (AA) – Со свечена церемонија одржана синоќа во Тирана, Албанија ја доби својата прва и национална авиокомпанија „Ер Албанија“ (Air Albania), која е основана во партнерство со турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines), јавува Anadolu Agency (AA).
На церемонијата на меѓународниот аеродром „Мајка Тереза“ во Тирана, присуствуваа премиерот на Албанија, Еди Рама, амбасадорот на Турција во Албанија, Мурат Ахмет Јорук, министри во Владата на Албанија, челници на „Туркиш ерлајнс“ и бројни поканети гости.
Рама во обраќањето истакна дека ова е многу значаен момент за Албанија и истакна дека денес е реализиран проект кој долго време бил сметан како тешко остварлив сон.
Истакна дека „Туркиш ерлајнс“, како партнер на албанската национална авиокомпанија, без каков било сомнеж е еден глобален актер на ова поле и компанија која има долгорочна стратегија.
„Дефинитивно без иницијатива на турскиот претседател Ердоган и неговата великодушна поддршка ние денеска немаше да бидеме на ова место“, рече Рама.
Турскиот амбасадор Јорук истакна дека Албанија денеска преку својата национална авиокомпанија, со Турција формирала еден мост и преку воздушен простор, и дека Турција е долгогодишен пријател на Албанија.
Амбасадорот Јорук истакна оти верува дека со основање на албанската национална авиокомпанија од ден во ден ќе биде сѐ појака соработката на двете земји на економски, културен, туристички, но исто така и на други полиња.
На присутните накусо им се обрати и членот на Управниот одбор на „Туркиш ерлајнс“, Митхат Гркем Аксој, кој порача дека албанскиот народ за Турција секогаш имал посебно место.
„Можам да речам дека авиокомпанијата е само еден почеток. Во Албанија ќе оствариме уште многу други инвестиции“, рече Аксој.
Од меѓународниот аеродром „Мајка Тереза“ во Тирана, денеска ќе биде остварен и првиот лет на „Ер Албанија“, со кој 80 албански студенти ќе отпатуваат за Истанбул.