Alma Çekovic
20 Јуни 2016•Ажурирај: 21 Јуни 2016
ТИРАНА (АА) - Премиерот на Албанија, Еди Рама, ѝ честита на албанската фудбалска репрезентација за синоќешната победа против Романија во последното коло од групата А од Европското првенство во Франција ветувајќи дека фудбалската делегација, играчите и техничкиот персонал ќе ги награди со дипломатски пасоши, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Почнувајќи од претседателот на сојузот, Армандо Дуке, до последниот член, сите ќе добиете дипломатски пасоши”, вети Рама во видеото објавено на социјалната мрежа Фејсбук.
Историската победа предизвика воодушевување меѓу навивачите на албанската репрезентација како во Франција така и низ цела Албанија. На улиците на главниот град Тирана синоќа излегоа илјадници фанови кои со пеење, танцување и мавтајќи со национални знамиња ја прославуваа првата победа на Европското првенство.
Откако во првите две кола од групата А запиша два порази од Швајцарија (1: 0) и Франција (2: 0) против кои не постигна ниту еден погодок, Албанија против Романија оствари победа од 1: 0 и сега се надева дека ќе биде една од четирите најдобро третопласирани екипи на првенството.
Албанија на ова Европско првенство забележа и дебитантски настап на големите натпреварувања.