Fatjon Cuka
14 Јуни 2016•Ажурирај: 14 Јуни 2016
ТИРАНА (АА) - Министерот за надворешни работи на Германија, Франк-Волтер Штајнмаер, за време на неговата посета на Албанија се сретна со премиерот на земјата, Еди Рама, јавува Anadolu Agency (AA).
По средбата, која беше без присуство на медиумите во седиштето на Советот на министри, Рама и Штајнмаер дадоа изјава за медиумите, со фокус на реформите во правосудниот систем.
Албанскиот премиер изјави дека оваа посета е историски момент за историска реформа, која успешно поминувајќи во парламентот ќе го отвори патот за почеток на преговорите со ЕУ.
„Среќен сум што денеска и министерот ја истакна важноста на оваа реформа и потребата за опозицијата да ги направи своите чекори со цел да се приклучи на нацртот, кој не се произведува во седиштето на Социјалистичката партија, во седиштето на владата, туку е производ на соработката со меѓународните инстанци меѓу кои Германија од почетокот со посебно внимание и грижа го следи процесот”, рече Рама.
Штајнмаер во својата изјава нагласи дека Германија ги следи со посебно внимание сите политички случувања во Албанија.
„Албанија е во клучна фаза од процесот на пристапување на земјата во ЕУ. Би сакал да потенцирам дека Германија има голем респект за начинот на водење на реформите во Албанија и ги следиме со интерес реформите во економскиот сектор. Клучна точка на еден демократски систем е борбата против корупцијата и реформите во правосудниот систем. Се надевам дека политичките сили во земјата ќе најдат заеднички јазик за склучување на законот за реформи”, рече германскиот дипломат.
Штајнмаер денеска на почетокот на неговата посета се состана со својот албански колега, а по средбата со премиерот Рама се сретна и со лидерот на опозицијата и со претседателот на Демократската партија на Албанија, Љуљзим Баша.