Албанија: Дваесет и едно лице приведено поради тензиите и инцидентите за време на антивладиниот протест
Протестот организиран од Демократската партија и поддржан од други опозициски партии беше проследен со тензии, при што демонстрантите фрлаа молотови коктели, запаливи материи, димни бомби...
ТИРАНА (AA) – Полицијата на Албанија приведе 21 лице поради тензиите и инцидентите за време на вчерашниот протест на опозицијата, пренесува Анадолу.
Во соопштение од Дирекцијата на полицијата во Тирана се наведува дека приведените се осомничени за кривични дела „напад поради вршење службена должност“, „тешка телесна повреда со умисла“, „нарушување на јавниот ред и мир“, „повреда на регулативите за експлозивни и запаливи материи“, „уништување имот со пожар“ и „спротивставување на службено лице“.
Исто така, се наведува дека е поведена постапка и против неколку претставници и членови на Демократската партија.
„Вчера попладне демонстрантите првично се собраа на булеварот ‘Мачениците на народот’, пред кабинетот на премиерот. Потоа се упатија кон Собранието, каде што за време на целиот протест фрлаа запаливи материи, пиротехнички средства и тврди предмети кон полициските службеници и зградите на јавните институции. Како последица од нападите со тврди предмети, пиротехнички средства и молотови коктели врз полицијата и државните институции, повредени се 16 полицајци, кои добија медицинска помош во болница и не се во животна опасност“, се наведува во соопштението.
Во врска со тензиите реагираше и министерката за внатрешни работи на Албанија, Албана Кочиу, која на социјалните мрежи напиша дека „правото на протест, по којзнае кој пат, беше злоупотребено од група што ја избра силата наместо зборот, напаѓајќи, вршејќи насилство и повредувајќи припадници на државната полиција“.
Според полицијата, запленети се 22 неексплодирани молотови коктели.
- Антивладин протест -
Синоќешниот протест организиран од Демократската партија и поддржан од други опозициски партии беше проследен со тензии, при што демонстрантите фрлаа молотови коктели, запаливи материи, димни бомби и разни предмети кон зградата на кабинетот на премиерот и Собранието на Албанија.
Демонстрантите се судрија со полицијата пред зградата на Собранието, а полицијата возврати со солзавец и водени топови.
Како што се известува, за време на протестот неколку лица биле повредени поради дејството на солзавецот и други инциденти.
Последниве месеци во Албанија се организираат антивладини протести, а опозициските партии најавија дека ќе продолжат.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
