Балкан

„Црна Гора ќе инсистира Македонија да биде прва следна членка на НАТО"

„Најважно од сè е што поканата и учеството на Македонија во НАТО носи голема стабилност за целиот регион“, рече Шекеринска.

Adel Omeragic  | 23.05.2018 - Обновена : 24.05.2018
„Црна Гора ќе инсистира Македонија да биде прва следна членка на НАТО" (Foto: Adel Omeragic/ AA)

Montenegro

ПОДГОРИЦА (АА) - „Црна Гора смета дека Македонија заслужува да биде 30. членка на НАТО, по сите реформи што ги спроведе во претходниот период“, порача денес министерот за одбрана на Црна Гора, Предраг Бошковиќ. Тој во Подгорица оствари средба со министерката за одбрана на Р. Македонија, Радмила Шекеринска, јавува Anadolu Agency (AA).

Министрите за одбрана на Црна Гора и Македонија се согласни дека членството на Македонија во НАТО дополнително ќе придонесе за стабилизација и интеграција на регионот.

Министерката за одбрана на Р. Македонија, Радмила Шекеринска, смета дека земјата спроведе бројни реформи и дека заслужува да биде дел од НАТО.

„Одлуката на НАТО минатата година да ја прими Црна Гора како 29. членка покажува едно ново отворање на вратата за прием на нови членки. За нас, таа одлука беше и потсетник и инспирација. Потсетување дека државата може да ја прифати или испушти таквата шанса, и една инспирација дека ваквите високи амбиции на една мала држава може да се реализираат. Членството на Црна Гора во НАТО значи уште еден глас повеќе за членство на Македонија. Денес сум овде да се заблагодарам на Црна Гора за големата поддршка што ѝ ја дава на Македонија за членство во НАТО. Македонија заслужува покана за НАТО, поради бројните реформи што ги спроведе“, рече Шекеринска.

Таа истакна дека Македонија го зголемила учеството во мисиите на НАТО.

„Најважно од сè е што поканата и учеството на Македонија во НАТО носи голема стабилност за целиот регион“, рече Шекеринска.

Црногорскиот министер за одбрана, Предраг Бошковиќ, истакна дека ќе инсистира Македонија да биде првата следна членка на НАТО.

„Црна Гора смета дека Македонија заслужува да биде следна членка на НАТО. Црна Гора како полноправна членка на НАТО и јас како министер, инсистираме дека Македонија го заслужува тоа бидејќи со тоа придонесуваме за стабилноста на регионот и тоа е она што ќе определи овој регион да тргне порешително кон европските и евроатлантските интеграции. Свесни сме дека самото пристапување на Македонија во НАТО не е доволен услов регионот во целост да се посвети на оние прашања кои се најзначајни, како што се економските прашања, подобриот животен стандард. Бидејќи, сè додека постојат отворени прашања, тие прашања тешко можат да дојдат на дневен ред. Лек за ова е интеграцијата на регионот во НАТО и во ЕУ“, рече Бошковиќ.

Министерите за одбрана на Македонија и Црна Гора ги истакнаа и одличните билатерални односи помеѓу двете држави.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.