Балкан

„Хрватска ќе продолжи да ѝ дава поддршка на Македонија на нејзиниот европски пат“

„Хрватска ни беше инспирација, ни даваше поддршка, меѓутоа и на примерот на Хрватска гледавме колку членството во НАТО влијаеше позитивно не само на стабилноста, туку и на сите политички процеси“, рече Шекеринска.

Husameddin Gina  | 05.02.2019 - Обновена : 06.02.2019
„Хрватска ќе продолжи да ѝ дава поддршка на Македонија на нејзиниот европски пат“ (Foto: Husameddin Gina/ AA)

Skopje

СКОПЈЕ (AA) – Хрватскиот заменик-премиер и министер за одбрана, Дамир Крстичевиќ, кој престојува во официјална посета на Македонија, истакна дека Хрватска ќе продолжи да ѝ дава поддршка на Македонија на нејзиниот европски пат, и дека се подготвени да ги делат своите искуства, јавува Anadolu Agency (AA).

Дамир Крстичевиќ изјавата ја изнесе на заедничката прес-конференција со македонската министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, на која, меѓу другото, нагласи дека му е особено драго што денес се наоѓа во Скопје, ден пред потпишување на Протоколот за пристапување на Република Македонија во членство во НАТО во Брисел.

„Хрватска ќе продолжи да ѝ дава поддршка на Македонија на нејзиниот европски пат и подготвени сме со вас да ги делиме нашите искуства. Особено ми е драго што Амбасадата на Хрватска во Скопје, во текот на 2017/18 година беше контакт за НАТО“, изјави Крстичевиќ.

Тој, потсетувајќи дека Хрватска и Македонија се пријателски држави, рече дека соработката може да продолжи и во одбранбената индустрија.

„Хрватска има извонредна одбранбена индустрија и гледаме голем потенцијал за идна соработка на подрачјето на одбранбената индустрија. И сите односи меѓу двете министерства и двете држави се за унапредување на мирот и безбедноста во Југоисточна Европа, и за тоа имаме полн капацитет за соработка“, нагласи Крстичевиќ.

Министерката за одбрана на Македонија, Радмила Шекеринска, изјави дека во последните години имале огромна поддршка од Владата на Хрватска и во поглед на воените, но и во поглед на политичките прашања.

„Хрватска ни беше инспирација, ни даваше поддршка, меѓутоа и на примерот на Хрватска гледавме колку членството во НАТО влијаеше позитивно не само на стабилноста, туку и на сите политички процеси, и колку членството во НАТО даде поддршка и на процесот на пристапување кон Европската Унија“, рече Шекеринска.

Пред заедничката прес-конференција, министерот за одбрана на Хрватска, Дамир Крстичевиќ и министерката за одбрана на Македонија, Радмила Шекеринска, имаа тет-а-тет средба, по што следуваа разговори на делегациите.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.