САРАЕВО (AA) - По повод Денот на сеќавање на сите загинати граѓани на Сараево во војната од 1992 до 1995 година и 25. годишнина од страдањето на 68 граѓани на пазарот „Маркале“, денес во Народниот театар е одржана комеморативна седница. Организатори на комеморацијата беа Собранието на Кантонот Сараево, Градскиот совет на Сараево и општинските совети од подрачјето на Кантонот Сараево, јавува Anadolu Agency (AA).
Комеморацијата ја отвори Елмедин Конаковиќ, претседавачот со Советот на Кантонот Сараево, по што е интонирана химната на БиХ и со минутен молк и молитва е оддадена почест на настраданите.
„Многу е важно сите генерации кои ја паметат агресијата на БиХ да го одбележат овој ден на сеќавање на сите настрадани на тој ноторен историски факт. Мислам дека податокот за 11.000 загинати сограѓани, од кои повеќе од 1.600 деца, говори за бруталноста од нападите врз БиХ, врз нејзиниот суверенитет, врз сите нас кои тука ги поминавме тие тешки четири години, и секако дека сиве овие денови се можност да се присетиме на оние најдобрите меѓу нас, кои ги положија животите за БиХ“, рече Конаковиќ.
На комеморативната седница на присутните им се обрати Богиќ Богиќевиќ, поранешен член на Претседателството на СФР Југославија, кој со своето противење спречи ЈНА да изврши воен удар во тогашната држава.
„Тогаш белградскиот режим на чело со Слободан Милошевиќ, а во име на српскиот народ и ЈНА, онаа народна армија која го сврте оружјето против сопствениот народ, ги испишуваа најсрамните страници од својата историја, масовно сеејќи смрт и рушејќи го градот Сараево. И сега, кога злосторот се фалсификува, оспорува, негира и политизира, да се биде рамнодушен на сето тоа и да се остави без одговор, би значело дека сме соучесници во злосторството. Вистината е немилосрдна и од неа не може никој да избега, а нејзиното омаловажување е навреда за нашето колективно сеќавање“, рече Богиќ Богиќевиќ, и додаде:
„Градот Сараево е олимписки град. Осум години подоцна е вратен во среден век, бидејќи тука луѓето живееја и преживуваа без струја, вода, храна, лекови, греење, но никогаш не дозволија да бидат понижени. А светот испраќаше хуманитарна помош, како да тука се случила елементарна непогода. Земјотрес, поплави, пожар.“
Богиќевиќ нагласи дека е неопходно да се штитат сите големи страдања, да не умрат и по вторпат да не бидат фрлени во заборав. Истакна дека најмалку што може да се направи е да се поттикнува на сеќавање, секогаш да се знае кој и зошто во Сараево страдал и губел животи и дека во БиХ подобро ќе се живее, „кога ќе станеме подобри луѓе“.
Един Форто, премиерот на Кантонот Сараево, нагласи дека 5 февруари е многу важен, бидејќи на овој ден се одбележуваат сите жртви од опколениот град од 1992 до 1995 година.
„Секако, не може ниту на кој било начин да се надомести загубата на семејствата на жртвите. Она што е наша задача, а гледате во какво време живееме, е да направиме ревизија на она што се случило. Всушност, на обидот да се смени начинот на кој се интерпретира нешто што ние го доживеавме, а многу добро знаеме како беше и што се случи. Основна порака е секогаш и одново да мораме да ги едуцираме новите генерации, да ги учиме што точно се случило“, рече Форто.
Сенида Каровиќ, претседателката на Унијата на цивилните жртви од војната во Кантонот Сараево, рече дека денес се живее во време, кога сѐ помалку се одбележува страдањето на граѓаните на Сараево и дека тоа е неопходно да се смени.
„Мораме да опоменуваме, мораме да се сеќаваме, мораме да негуваме култура на сеќавање, ако не поради нас, тогаш поради генерациите кои доаѓаат, поради нашите деца, поради иднината. Сето она што нема да биде запишано и документирано е како да не се случило. Според тоа, ова е ден, кој е многу важен за цивилните жртви на војната, многу важен за Кантонот Сараево, и треба да направиме сѐ за мртвите да не ги покрие заборавот, нашата нечовечка негрижа, ние како учесници во тие настани да направиме сѐ за да опоменуваме, да паметиме, бидејќи нашите рани се многу длабоки и многу болни“, истакна Каровиќ.
Собранието на Кантонот Сараево во 2007 година донесе одлука 5 февруари да го прогласи за Ден на сеќавање на сите настрадани граѓани во текот на периодот од 1992 до 1995 година.
По комеморацијата, кај Спомен-обележјето на загинатите граѓани на Сараево во првиот од двата масакри на пазарот „Маркале“, кој се случи на 5 февруари 1994 година, ќе биде приредено полагање цвеќе и ќе биде оддадена почест на сите настрадани. Во тој трагичен ден животот го загубија 68, а ранети се повеќе од 140 лица.