Alma Dekovic
24 Февруари 2023•Ажурирај: 25 Февруари 2023
БЕЛГРАД (АА) - Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, денеска во Белград се сретна со претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ и со српскиот претседател Александар Вучиќ, како и со министерката за европски интеграции, Тања Мишчевиќ, пренесува Анадолу.
Состаноците се организирани во рамките на посетата на министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, на земјите соседи.
„Домаќините на состаноците им посакаа добредојде на делегацијата и испратија честитки за брзото формирање на Советот на министри, како и за кандидатскиот статус што го доби Босна и Херцеговина“, соопштено е од Министерството за надворешни работи на БиХ.
Истакнато е дека добрите билатерални односи меѓу Босна и Херцеговина и Република Србија се многу важни за двете држави, но и за целиот регион.
„Потенцијалите и шансите кои ги имаат Босна и Херцеговина и Србија се големи, а покажан е и заеднички интерес реализацијата на конкретните проекти да биде она што во наредниот период ќе се стави во фокусот“, се наведува во соопштението.
„Министерот Конаковиќ изрази верување дека со добра волја и работа на надлежните институции можеме да оствариме конструктивен дијалог и да отвориме простор за унапредување на односите кои ќе бидат од корист за животот на граѓаните на двете држави, и дека стабилноста, безбедноста и економскиот напредок се во интерес на двете држави. Тој истакна дека е важно да се одржува институционалната соработка, односно соработката на ниво на државни институции, и сходно на тоа, договорено е во наредниот период да се разгледа можноста за одржување на заедничка седница на Советот на министри на БиХ и Владата на Република Србија“, се истакнува во соопштението.