Husamedin Gina
22 Јули 2020•Ажурирај: 23 Јули 2020
СКОПЈЕ
Град Скопје денес ги промовираше реконструираните 19 пешачки мостови во Градскиот парк, донација на „Халкбанк АД Скопје", јавува Агенција Анадолија (АА).
Изјави за медиумите по повод завршувањето на реновирањето на мостовите дадоа Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и главниот извршен директор на „Халкбанк АД Скопје", Билал Суџубаши.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, наведе дека градот Скопје, благодарение на донацијата на „Халкбанк", партнер на градот и општествено одговорна компанија, целосно се реконструирани сите 19 дрвени мостови кои што се наоѓаат во вториот дел од градскиот парк.
„Самата реконструкција опфаќаше целосна обнова на дрвената подлога, со материјали што се поотпорни на климатските промени и по издржливи, како и целосна обнова на конструктивниот односно железниот дел со цел да се спречи нивната корозија“, истакна Шилегов.
Како што истакна Шилегов, ова не е прва соработка на Градот Скопје со „Халкбанк" и дека веќе се заедно во акцијата против палење на стрништа и тоа ќе продолжи и годинава.
Директорот на „Халкбанк", Билал Суџубаши, истакна дека се задоволни што дале придонес граѓаните на Северна Македонија, особено на граѓаните со посебни потреби да можат слободно да се движат во скопскиот парк.
„Паркот во кој се наоѓаме е една од најважните и најголемите природни убавини на Македонија. Во овој контекст, ние како Халкбанк, поради општествената одговорност која ја имаме реновиравме околу 19 мостови во паркот, за да стане поубав, особено граѓаните со посебни потреби да можат повеќе да го искористат паркот“, нагласи Суџубаши.
Потсетуваме, реконструкцијата на мостовите во градскиот парк почна на 24 април. Тогаш, од Град Скопје соопштија дека ваквата реконструкција се случува за првпат по неколку децении.