Ivana Ramadanova
04 Април 2018•Ажурирај: 05 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Денес во просториите на Бизнис-центарот на „Халкбанк“ се одржа настан на Стопанска комора Македонија - Турција (МАТТО), кој беше посветен на успешната работа и важноста на „Халкбанк“ АД Скопје во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓу останатото, беше истакнато дека иновативноста во процесите и услугите е една од најсилните карактеристики на „Халкбанк“, која преку употреба на приспособени стратегии и создавајќи производи и услуги за микро, мали и средни клиенти, стана лидер во проширувањето на визијата на банкарскиот систем во Македонија.

Во рамките на настанот, свое обраќање имаше Билал Суџубаши, генералниот извршен директор на „Халкбанк“, кој се осврна на важноста на Халкбанк во македонската економија и долгата 25-годишна традиција на нејзиното постоење во земјата, од кои шест години под брендот на „Халкбанк“.
Тој ги истакна и активностите кои банката ги спроведува во делот на поддршка на реалниот сектор во Македонија, како и нејзината посветена работа во насока на постојано подобрување и имплементација на иновативни производи и услуги.
Во своето излагање, тој се осврна и кон плановите за 2018 година, потенцирајќи дека „Халкбанк“ како силна компанија ќе продолжи да инвестира во сопствениот раст, а со тоа и во растот на севкупниот сектор. Преку вложувањето и проширувањето на персоналот, преку зајакнувањето на капиталот со реинвестирање на веќе остварените приходи, преку унапредувањето на своите процеси и производи, преку инвестирањето и поддршката на локалните бизниси, како и преку финансирањето и грижата за целото население, оваа банка ќе продолжи да придонесува со значајни економско-социјални резултати во државата.
„Ние сме банка на мали и средни претпријатија (МСП), а секогаш сме присутни на пазарот за населението, но исто така и за големите клиенти и проекти. Но, секогаш сме дел и од големите проекти кои имаат голем придонес во бруто-домашниот производ и развојот, како и во отворањето на нови работни места во државата. Од друга страна сакам да напоменам дека сме една од најбрзорастечките банки во делот на услугите за населението“, истакна Суџубаши.
Во услови на добра организациска поставеност на банката, Суџубаши рече дека продолжува градењето на деловни односи, развивањето на нови можности, особено во делот на МСП-клиентите, додавајќи дека за таа цел банката вовела неколку нови производи, ЕСНАФ, РААТ и ПРОМО ПЛУС кредити, со цел адекватно да се одговори на барањата на клиентите, поддржувајќи ги нивните тековни потреби за основни средства и обртен капитал со конкурентни пазарни услови.
„Довербата што клиентите ја покажаа кон нашата банка и благодарение на стабилниот раст, неизбежно доведоа до зголемување на профитот на банката, и во 2017 година тој достигна 8,7 милиони евра нето-профит“, изјави Суџубаши.
На настанот беа презентирани и финансиските резултати на банката, со осврт на последната година.
Со стабилен раст во поглед на активата и пасивата, како финален резултат на крајот на годината е остварен нето-профит од 8,77 милиони евра, одржувајќи висока стапка на поврат на капиталот од 10,6 проценти. Особено значаен раст бележи и ставката на средства со достигнат износ од 686,6 милиони евра на крајот на годината.
Во 2017 година во услови на намалени каматни стапки и забавување на побарувачката на кредити, особено кај корпоративниот сектор, „Халкбанк“ успеа да го зголеми своето вкупно кредитно портфолио за 73 милиони евра или 19,2 проценти.
Инаку, Стопанската комора МАТТО брои повеќе од 60 членки и редовно организира состаноци, средби и настани за македонско-турската заедница, со цел да се зголемат и да се развијат бизнис-активностите на нејзините членови во сферата на нивното дејствување, и да се зголемат и подобрат нивните услови.