Dejan Maksimoviç
16 Март 2018•Ажурирај: 17 Март 2018
САРАЕВО (AA) - Екатерина Захариева, заменик-премиер и министер за надворешни работи на Република Бугарија, по денешниот состанок на министрите за надворешни работи на Западен Балкан во Сараево, нагласи дека процесот на поврзување на шесте земји од регионот и унапредувањето на нивните економии сакаат да го донесат до фаза во која ќе биде незапирлив, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Се подготвуваме за самитите во Софија и Лондон. Благодарна сум им на колегите за сите добри идеи што се однесуваат на унапредување на целокупната ситуација во регионот. Всушност, она што сакаме да го направиме е да го доведеме овој процес до фаза во која ќе биде незапирлив, а тука мислам на унапредување на економиите и поврзување на земјите од регионот. Тоа на некој начин е потврдено со посетата на комесарот Жан-Клод Јункер на Западен Балкан и е вградено во надворешната политика на Европската Унија. Сакаме да преземеме конкретни мерки што ќе им овозможат на граѓаните да ја почувствуваат разликата“, рече Захариева.
Таа додаде дека организираат различни форуми и конференции, бидејќи од нив испраќаат политички сигнали, но дека кога станува збор за поврзаност, таа не се однесува само на патната или некоја друга инфраструктура.
„Зборуваме и за физичка поврзаност, а тука мислам на луѓето, деловната заедница и особено на младите луѓе. Сигурна сум дека на луѓето не треба да им се објаснува колку е важно за мирот и стабилноста да се градат мостови помеѓу луѓето од различни земји. Затоа е многу важно да се напомене најновата стратегија на ЕУ објавена на 5 февруари, која е многу конкретна. Таа предвидува развивање на секоја од шесте земји со сопствено темпо и брзина. Тука е уште еден важен елемент покрај експертската помош, да се даде конкретна финансиска помош за различни проекти“, рече бугарската министерка и нагласи дека на Самитот „ЕУ-Западен Балкан“ на 17 мај во Софија ќе се обиде да ја зацврсти, зајакне и да ја обнови европската перспектива на земјите од Западен Балкан.
Кристијан Даниелсон, главен директор на дирекцијата на Европската комисија за соседство и преговори за проширување, истакна дека состанокот на министрите на земјите од Западен Балкан се случи во многу важен момент.
„Затоа што прашањата што се однесуваат на Западен Балкан се на врвот на агендата на ЕУ“, појасни Даниелсон и продолжи:
„Сигурно и затоа што активното претседавање на Бугарија му дава дополнителен залет, како и важноста на самитот во Софија. Исто така, овој состанок се одржува во контекст на најновата стратегија за Западен Балкан на Европската комисија. Таа е многу јасна и содржи многу јасна перспектива за целиот Западен Балкан во иднина да биде во ЕУ. Правилата на приклучување кон ЕУ се сосема јасни и мора да се следат. Стратегијата, исто така, е јасна и точно се знае што е потребно да се направи за да се направи напредок во тоа настојување. Пред сè, реформи на владеење на правото, потоа економски реформи и многу важното прашање на помирување. Денеска водевме добри дискусии за овие реформи. Ја нагласивме важноста на регионалната соработка која е клучна за сите три наведени области."
Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина (БиХ) е домаќин на состанокот на министрите за надворешни работи на Западен Балкан (WB6). На состанокот учествува и министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров.
Теми на министерскиот состанок се: Стратегијата за веродостојна перспектива на проширување и јакнење на анганжманот на ЕУ со Западен Балкан, имплементација на резултатите на Самитот во Трст и подготовка за Самитот за Западен Балкан во Лондон.