Adel Omeragic
24 Мај 2019•Ажурирај: 26 Мај 2019
ПОДГОРИЦА (AA) - „Огромното пријателство помеѓу Северна Македонија и Црна Гора треба да биде пример и за другите земји“, порача премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот на Северна Македонија, кој престојува во дводневна посета на Црна Гора, ја предводеше делегацијата на својата земја, која одржа заедничка седница на владите со колегите од Црна Гора. По заедничката владина седница се одржа заедничка прес-конференција на премиерите на Северна Македонија и Црна Гора, Зоран Заев и Душко Марковиќ.
Премиерот Заев, честитајќи ѝ ја на Црна Гора 13-годишнината од обновата на независноста, рече дека се радува што двете држави ги негуваат пријателските односи.
„Сакам да испратам порака на искрена благодарност до Црна Гора што даваше полна поддршка на Северна Македонија цело време, меѓу првите го ратификуваше Протоколот за нашето пристапување во НАТО. Највисоките црногорски државници на сите состаноци го потенцираат нашето право дека по сите успеси кои ги направивме во Северна Македонија, треба да добиеме датум за почеток на пристапните преговори. Ова лето очекуваме конечен датум за почеток на преговорите, по 14 години“, рече Заев.
Тој порача дека огромното пријателство помеѓу двете земји треба да биде пример и за другите земји.
„Затоа што ако Балканот подобро соработува, Западна Европа повеќе ќе нѐ почитува“, порача Заев.
„Црна Гора е подготвена на Северна Македонија да ѝ помогне во процесот на преговорите со ЕУ, во пренесување на своите искуства, како што тоа го правеше и во текот на евроатлантските интеграции“, порача црногорскиот премиер Душко Марковиќ.
Тој истакна дека одличната соработка помеѓу двете држави резултирала со потпишување на четири меѓудржавни договори.
„Потпишавме четири договори во областите за заштита на животната средина, внатрешните работи, здравството и размена на заштита на тајните податоци. Разговаравме како да ја валоризираме нашата соработка, од тоа да произлезат бенефити во областите кои се витални за нашите општества. Ги потенциравме нашите заеднички стратешки определби и вредности како залог за иднината, која подразбира наша европска и евроатлантска перспектива. Црна Гора и Северна Македонија се земји кои ги делат овие вредности и кои ги негуваат и промовираат како единствен начин на долгорочна стабилност, и не само напредокот на нашите земји, туку и регионот на кој му припаѓаме“, рече Марковиќ.
Понуди помош од страна на Црна Гора во процесот на ЕУ-интеграциите кога Северна Македонија ќе ги отпочне преговорите.
„Како земја која е на чело на преговорите со ЕУ, секако ја истакнавме вредноста на европската интеграција и значењето кое таа го има во вкупните реформи и трансформација на нашиот општествен систем. Црна Гора се надева и се залага Северна Македонија наскоро да ги започне преговорите со ЕУ и подготвени сме да ги пренесеме сите свои знаења и искуства како што тоа го правиме на планот на евроатлантските интеграции“, рече Марковиќ.
Во текот на посетата на Црна Гора, Заев разговараше со претседателот на државата, Мило Ѓукановиќ, и со Иван Брајовиќ, претседателот на Собранието, а учествуваше и на бизнис-форумот на стопанствениците на двете држави.