Ivana Ramadanova
01 Ноември 2017•Ажурирај: 02 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Мисијата на ОБСЕ, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика, денеска во Скопје се одржа Регионална конференција за систематски решенија за лицата без документи од ромската заедница, на која како заклучок беше истакнато дека за овој проблем е потребно системско решение, јавува Anadolu Agency (AA).
На отворањето на конференцијата се обрати заменик-министерот за труд и социјална политика, Елми Азири, кој меѓу другото рече дека правото на државјанство е основното човеково право, кое претставува основа за разрешување на кои било прашања или проблеми поврзани со државјанството.
„Причината за непристапноста на Ромите до документи е пред сѐ поради неинформираноста како да дојдат до нив, а од друга страна е финансиската состојба на оваа етничка заедница“, истакна Азири.
Според министерот задолжен за имплементација на Националната стратегија за Ромите, Самка Ибраимовски, нерегистрираните Роми и лица без документи низа години се тема на разговор и проблем што сѐ уште не е решен.
„Декадата на Ромите и националната стратегија за Ромите не постои за овие луѓе. Ги нема во образованието, во здравството, во вработувањето, практично овие луѓе преживуваат од денес за утре. Живеат во супстандардни услови и не користат ниту едно право, ниту пак услуга од државата“, истакна Ибраимовски.
За заменик-шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн, ова е можност да бидат споделени регионалните практики за процесот на инклузија на лицата без документи од ромската заедница.
„Сметам дека овој настан е огромна можност каде што медиумите преку посебен пристап ќе можат да влијаат врз подигањето на свеста за системско решение на лицата без документи од ромската заедница“, рече Голдстајн.
Според последните информации од страна на активистите, бројот на нерегистрираните Роми и лица без документи во моментот изнесува околу 1.500, но се верува дека нивниот број е многу поголем.