Admir Fazlagic
14 Јуни 2018•Ажурирај: 15 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, кој престојува во Германија, одржа заедничка прес-конференцијата со неговиот германски колега Хајко Мас, при што, истакна дека е многу важно Македонија да добие политичка одлука од Европскиот совет кон крајот на јуни за почеток на преговори и за членство во НАТО, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што објави Министерството за надворешни работи на Република Македонија, министерот Димитров, во своето обраќање изразил благодарност за поддршката од Германија, истакнувајќи дека оваа држава е исклучително важна за Македонија, како и дека е нејзин прв трговски партнер.
„Македонија живее историски денови, недели и месеци. На добар пат сме да затвориме еден спор, којшто беше како камен и ни го отежнуваше прогресот, и нѐ заклучи во чекалната каде што поминавме многу години. Македонија е земја кандидат за членство во ЕУ од 2005 год. Оваа година ја добивме 9-тата препорака од Европската комисија дека сме подготвени да започнеме (со преговорите). Ова чекање создаде и кризи, меѓутоа, како што велат 'никогаш немој да пропушташ добра криза', научивме и добри лекции“, рекол Димитров.
„Имаме историска шанса да затвориме прашање во време кога нема многу шанси за успех, не само во Европа, туку и во светот; и мислам дека за сите ќе биде добро: и за Македонија и за Грција и за Балканот и за Европа и за светот - ова прашање да се затвори. Многу е важно, бидејќи нашите главни мотиви, покрај пријателството со Грција, се да ги започнеме преговорите со Европската Унија и да се зачлениме во НАТО Алијансата“, истакнал Димитров.
Меѓу другото, македонскиот шеф на дипломатијата истакнал дека по решавањето на спорот со Грција, Македонија веќе нема да има ниту едно отворено прашање со ниту еден сосед.
„Ние немаме гранични спорови. Постигнавме Договор за пријателство минатата година со нашиот источен сосед, со Република Бугарија. Кон крајот на оваа година, доколку се’ оди според планот, а ќе направиме се’ да оди според планот – ние ќе бидеме без билатерални спорови и ќе бидеме земја која ќе шири таков дух, такво пријателство и ќе бидеме од помош на сите оние коишто се’ уште имаат спорови во нашиот регион, на Балканот“, порачал Димитров.