Husamedin Gina
23 Март 2021•Ажурирај: 24 Март 2021
СКОПЈЕ
Младите во Република Северна Македонија упатија препорака до државата да се воведат мерки за олеснување на младинското вработување односно (ре)вработување, бидејќи, како што велат, голем број од младите ја изгубиле својата работа за време на епидемијата од Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Група младински организации денес во Агенција за млади и спорт го промовираа документот „Млади во криза 2.0“, со кој ги анализираа ефектите од пандемијата врз младите и споделија препораки до институциите како да се поддржат младите при кризата.
На промоцијата на документот „Млади во криза 2.0“, Теодора Столевска од Младинскиот образовен форум истакна дека пандемијата на Ковид-19 кај младите, особено кај оние од ранливите категории, предизвикала проблеми во образованието, вработувањето, менталното здравје и финансиската состојба.
Затоа, групата младински организации, како што истакна Столевска, упатила препорака до институциите за подобрување на позицијата на младите при кризата на Ковид-19.
„Во областа на невработеност и економски ефекти најнапред препорачуваме да се воведат мерки за олеснување на младинското вработување односно (ре)вработување, согласно со презентацијата на ЗМАИ (Здружение за истражување и анализи) можеме да увидиме дека голем број од младите ја изгубиле својата работа за време на ковид-кризата“, истакна Столевска.
Меѓу препораките, како што стои во документот, се државата да креира и спроведе политика со која младите луѓе, односно лицата до 29 години кои се вработени, да бидат ослободени од плаќањето на персоналниот данок и да им бидат доделени ваучери за домашна потрошувачка на оние на кои најмногу им се потребни.
На денешната промоција на документот, Блажен Малески од Здружението „Реактор – Истражување во акција“ сподели анализа на кризните мерки на Владата наменети за младите.
Според него, донесени се три уредби во кои изречно се споменуваат младите – домашна платежна картичка, ваучери за обуки за дигитални вештини и поддршка за партиципација за студирање и сместување во студентски дом.
„Од она што можевме да го видиме, значи 8 мерки се специфични за млади каде што изрично се наведуваа како таргет-група. Тоа е околу 8 отсто од вкупниот број на мерки коишто ги презела Владата“, нагласи Малевски, додавајќи дека Владата пристапила на чадор-политики односно на обид да се опфатат повеќе категории луѓе, а не специфични групи.
Малески, исто така, додаде дека над 80.000 млади ги искористиле платежните картички, 2.136 млади искористиле ваучери за ИТ-обуки, додека 972 студенти користеле субвенции за партиципација.
Од друга страна, анализата на Здружението за истражувања и анализа - ЗМАИ покажува дека платите на младите се намалиле за време на кризата.
Виктор Стојкоски од ЗМАИ истакна дека стапките на пад на примањата се најизразени кај младите и дека е опфатен периодот од февруари до јуни поточно првиот бран од Ковид-19 кризата.
„Платите кај младите лица многу се намалени. Имено во февруари просечната плата кај младите лица била 19.800 денари. За во јуни таа да изнесува 19.300 денари. Ова е пад од 2,6 проценти“, рече Стојкоски од ЗМАИ.
Младинските организации, меѓу другото, апелираат институциите да ги земат предвид младите како клучна група при носењето мерки за справување со здравствено-економската криза.
Процесот на креирање на документот и анализите е поддржан од Фондацијата за демократија на Вестминстер преку Иницијативата за демократија на Западен Балкан.