Балкан

„Овој значаен собир ги потврди големите инвестициски можности“

„Убеден сум дека од овој самит ќе произлезат многу нови иницијативи и идеи кои ќе ја зацврстат и унапредат заемната соработка, како и поврзувањето и комуникацијата меѓу граѓаните од нашите земји“, изјави премиерот Заев.

Admir Fazlagic  | 07.07.2018 - Обновена : 08.07.2018
„Овој значаен собир ги потврди големите инвестициски можности“ (Фото: Прес служба на Влада на Република Македонија)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, ја предводи македонската делегација која присуствува на 7. Самит на шефови на влади од процесот на соработка на НР Кина со земјите од Централна и Источна Европа во главниот бугарски град Софија, пренесува Anadolu Agency (AA).

Прес-службата на Владата на Република Македонија соопшти дека премиерот Заев даде изјава за медиумите.

„Овој значаен собир на земјите од ЦИЕ и НР Кина ги потврди големите инвестициски можности кои стојат на располагање преку евтините кредитни линии од кинеските банки, преку процесите Патот на свилата и 16+1, наменети за целиот овој регион. Ќе ја искористиме оваа значајна можност, заедно со министрите да претставиме неколку капитални проекти кои се од патната и железничката инфраструктура за кои може да воспоставиме соработка, но и ќе ја искористиме оваа пригода да ги зголемиме можностите за унапредување на културната соработка помеѓу Република Македонија, НР Кина и земјите од ЦИЕ“, изјави Заев.

Тој додаде дека на пленарната сесија ги информирал премиерите дека во март ќе се отвори Центарот за координација на културната соработка на земјите од Источна и Централна Европа со НР Кина.

„Република Македонија во септември ќе биде домаќин на 5. Симпозиум на земјите од ЦИЕ и НР Кина на Тинк Тенк организации, а следната, 2019 година, во наша организација ќе биде 4. Состанок на министри за културна соработка кој произлегува како наша обврска од процесот 16+1“, рече Заев.

Македонија и Народна Република Кина оваа година навршуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските релации, и во тој дух, премиерот Заев ја искористи можноста да ја изрази безрезервната благодарност за поддршката што Македонија ја добива од НР Кина, и ја потенцира цврстата заложба за продолжување на плодната соработка.

„Убеден сум дека од овој самит ќе произлезат многу нови иницијативи и идеи кои ќе ја зацврстат и унапредат заемната соработка, како и поврзувањето и комуникацијата меѓу граѓаните од нашите земји“, изјави премиерот Заев.

Инаку, македонската делегација, на еднодневниот 7. Самит на шефови на влади на земјите од Источна и Централна Европа со Народна Република Кина од процесот 16+1, ја сочинуваат заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.