ЗВОРНИК
Преживеаните Сребреничани беа на челото на колоната на „Маршот на мирот" која утрово тргна од Црниот врв, во близина на Зворник, за да им оддадат почит на убиените во геноцидот во Сребреница во летото во 1995 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Маршот на мирот 2020", во отежнати услови во организациска смисла поради пандемијата на коронавирусот (Ковид-19), тргна од Црниот врв, наместо од Незук, како што беше традицијата во претходните години.
За разлика од претходните години кога на „Маршот на мирот" учествуваа илјадници луѓе од целиот свет, овој пат од Црниот врв тргнаа десетици, а во кампот Липље ќе им се придружат и останатите учесници.
Овогодишниот „Марш на мирот" ќе биде одржан во три етапи, така што учесниците денес ќе преспијат во Глоди каде ќе биде формиран кампот. Втората ноќ (9 јули) кампот ќе биде формиран во Мравњаци. Доаѓањето на учесниците на „Маршот на мирот" во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари се очекува во попладневните часови на 10 јули.
Претседателот на Пододборот за „Маршот на мирот 2020" Мунир Хабибовиќ рече дека „Маршот на мирот" поради пандемјата на коронавирусот е ограничен со бројот на учесници.
„Мораме да се придржуваме кон епидемиолошките мерки. Преживеаните ќе го поведат Маршот на мирот. Сите оне кои се појавија од синоќа до утрово и во кампот Липље ќе бидат акредитирани и ќе бидат учесници на Маршот на мирот. Нема да вратиме никого. Точната бројка на учесниците не можам да ви ја кажам бидејќи имаме акредитирани и тука и во Љипље. Сега не можеме да зборуваме за бројот на учесниците. Можеби ќе има 500 учесници. Секој учесник мора да го пополни епидемилошкото ливче, да му се измери температурата", појасни Хабибовиќ.
Како што рече, донеле одлука, доколку се појави малку поголем број луѓе, да постават редари на одредени места и на секои 10 до 15 минути да пуштаат група до 10 луѓе. Хабибовиќ информираше дека имаат и поголем број лекари и мобилни болници.
Во колоната беше и Алмедин Беќировиќ кој е еден од преживеаните од 1995 година.
„За жал, на овој пат загубив двајца браќа. Целата војна ја поминав во Сребреница. Во 1995 година тргнав од Каменичкиот рид во пробив. Тука сум ранет. Браќата ме носеа. На крајот ги замолив да ме остават. Отидов со оружје. По 48 дена стигнав на слободна територија кај Кладањ", рече Беќировиќ.
И ден денес како што рече, кога поминува дел од патот по кој се движел во 1995 година, застанува и вели дека тоа е неговото ново место на раѓање.
„Ги повикувам сите луѓе, кои знаат каде се наоѓаат масовните гробници, да ни го кажат тоа. Еден брат закопав во 2008 година", изјави Беќировиќ за АА.
Салих Мулалиќ тргна денес од Црн врв на пат кон Поточари.
„Јас сум еден од преживеаните од колоната на смртта од јули 1995 година. Маршот на мирот, за мене, пред сѐ, претставува сеќавање на патот на смртта и спасот и сите оние кои се убиени во тој пробив. Маршот на мирот го одбележуваме со цел да не го заборавиме она што ни се случи во '95. Да им пренесуваме на нашите генерации и никогаш и никому да не му се повтори Сребреница", рече Мулалиќ.
Меѓу учесниците беше и Мухарем Мујчиновиќ кој исто така го преживеа „патот на смртта".
„Пред 25 години го поминав овој пат. Посебно е чувството повторно да поминувам по тој пат. Тоа е повторување на сцените на умирање и живеење. Тешко е да се поминува овој пат", порача Мујчиновиќ.
„Маршот на мирот", тридневното пешачење кое се организира од 2004 година во рамките на одбележувањето на годишнината на геноцидот во Сребреница, го симболизира чувањето на сеќавањето и спречувањето на негирањето на она што во летото во 1995 година се случи во Сребреница и во нејзината околина.
„Маршот на мирот" за преживеаните симболизира чување на сеќавањето и спречување на негирање на геноцидот во Сребреница.
Во геноцидот врз Бошњаците во Сребреница во 1995 година извршен од страна на војската на Република Српска, која доби помош од логистички формации на Србија, беа убиени најмалку 8.372 цивили.
Во гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари досега се погребани 6.643 жртви на геноцидот, а се трага по уште повеќе од 1.000 исчезнати Сребреничани.
Во Меморијалниот центар во Поточари се погребани 432 малолетници и 26 жени. Од таа бројка 19 жени се жртви на геноцидот, а останатите страдаа во текот на 1992 година.
Посмртните остатоци на жртвите на геноцидот се пронајдени на околу 570 различни локалитети.
Најмладата досега погребана жртва во Поточари е новороденче, девојчето Фатима Мухиќ, а највозраснаа е Шаха Измирлиќ, родена 1901 година.
news_share_descriptionsubscription_contact
